Раборци 4


Пешачка патека с. РАБОРЦИ - с. ПОПЧЕВО - с. БЕЛОТИНО

Пешачката патека започнува од селото Раборци и по асфалтиран пат поминува низ с. Попчево и стигнува до селото Белотино. Селото Раборци привлекува со својата посебна убавина, бидејќи изобилува со плодни ниви, пасишта и ливади.

Овде, во овој крај, локалното население се занимава со одгледување на разновидни земјоделски култури, а исто така и со овоштарство. Зелените и бујни ливади и пасишта се идеални места за сточарите кои што го носат својот добиток на пасење.

Оттука, пешачката патека продолжува кон селото Попчево, а околината во пониските делови е полна со нискостеблеста шума, а во повисоките делови претежно е застапена зимзелената шума.

Патеката од селото Попчево минува по мостот на браната ’’Водоча’’ и продолжува кон селото Белотино. Оваа пешачка патека е карактеристична бидејќи минува и низ вештачкото езеро на браната ’’Водоча’’, која се карактеризира со посебен раскошен пејзаж, голем број посетители преку целата година, а посебно ги привлекува и љубителите на спортскиот риболов.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека е карактеристична по разновидна флора, фунгија и фауна. Тревната флора располага со многубројни видови на цветови, чаеви и плодови, како и со нискостеблести растенија како што се: рибизли, капини, малини, боровинки, шипка, и др., и повеќе видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus cibarins, шампињонка- Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera и други видови.

Во пониските делови на патеката претежно се среќава разновидна листопадна шума, а од дрвјата најмногу застапени се: Betula alba - бреза, Tilia sp. – липа, Acer sp. - јавор, а во повисоките делови има зимзелена шума богата со Pinus sp. - бор, Juniperus sp. - смрека, Thuja sp. - туја и др. Богатството и хетерогеноста на видовите на екоситемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.

Од фаунистички аспект, најмногу има див зајак, волк, лисица, диви свињи и др., а од птиците најкарактеристични се: славеј, еребица, фазан,сокол, орел и др., а присутни се и разни видови инсекти.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, рурален туризам, хербален туризам, пешачење и џогирање, спортски риболов, планински велосипедизам).

ПОДЛОГА: Земјен пат