Ловен дом 1


Пешачка патека ЛОВЕН ДОМ - МАЛ ВОДОВОД - СВЕТИ ИЛИЈА

Модерна трим патека која што започнува од месноста ’’Ловен Дом’’ над градот и води до познатото излетничко место во Струмица, до манастирот ’’Свети Илија’’. Природната убавина, еколошки чистиот амбиент и поволната клима се главни предуслови за големата посетеност на патеката од граѓаните на Струмица и нејзината околина, како и од голем број странски туристи.

Тргнувајќи од месноста ’’Ловен Дом’’, пешачејќи по патеката доаѓаме во пресрет на чешмата ’’Лековита вода’’. На клупата до чешмата постојано има посетители, љубители на ладовина, разновидна флора и фауна и чист планински воздух. Пешачката патека води кон благо искачување по камени скали, а поминува и низ ’’Мал водопад’’ и премин на мала рекичка.

Патеката продолжува нагоре и води до манастирот ’’Свети Илија’’, кој датира од XVI век и претставува духовно богатство и еден од најпознатите културно – историски споменици во општина Струмица. Патеката е наменета за културни, научни, истражувачки, воспитно – образовни и туристичко – рекреативни цели. Сите посетители можат да уживаат во чистиот планински воздух, изобилството на природна убавина и исклучително вредни природни реткости.

Оваа пешачка патека со својата раскошна убавина, на посетителите им подарува посебна глетка, испреплетена во шареноликост и разновидност, која што претставува сликовит израз на духот и начинот на живеење на струмичкиот народ.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека во текот на целата година има разновидна флора – листопадни растенија и тоа: Betuala alba - бреза, Tilia sp. - липа, Acer sp –јавори, и др. Од зимзелените дрвја најмногу се застапени: Cuperessus sp. - чемпреси, Pinus sp. - борови, Thuja sp – Туи, Juniperus sp. – Смреки.

Во околината на патеката има голем број нискостеблести растенија како што се: рибизли, капини, малини, боровинки, шипка и др., повеќе разновидни чаеви, а исто така, и неколку видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera, и др.

Богатството и хетерогеноста на видовите на екоситемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.

Фауната ја сочинуваат: зајаци, диви свињи, волк, лисица и др., а од птиците се среќаваат славеј, фазан, еребица, орел, сокол и др.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, пешачење и џогирање, планински велосипедизам, хербален туризам).

ПОДЛОГА: Земјен пат