Велјуса 3


Пешачка патека с. ВЕЛЈУСА – КАРПА ИСКАЗНИК - ЧЕШМА ИСКАЗНИК – с. БЕЛОТИНО

Пешачката патека е од исклучително значање бидејќи започнува од манастирот ’’Света Богородица Елеуса’’ во Велјуса. На почетокот, минувајќи по неа, патеката нуди прекрасна можност за посета на манастирот ’’Света Богородица Елеуса’’ во селото Велјуса, кој зазема едно од најзначајните места во црковната и културната историја на Република Македонија.

Овој дел од пешачката патека е целосно прооден и изобилува со богата природа, раскошен релјеф и пријатен воздух. Местото е богато со разновидна флора преку целата година. Нејзината намена е од различен карактер и тоа за: одмор, рекреација, релаксација, истражување, едукација и др.

Одовде, патеката со благо искачување нагоре продолжува до местото наречено ’’Исказник’’, според карпата ’’Исказник’’. Затоа, пешачката патека е погодна за посетителите со добра физичка кондиција и за професионални планинари и планинарски друштва, љубители за искачување по карпи. Патеката е типично шумска, чиј што планински амбиент ја засилува нејзината убавина и ја прави посебна во секоја сезона од годината.

Во пониските делови има разновидна нискостеблеста шума, а во повисоките делови иглолисни дрвја и богата зимзелена шума. Патеката е целосно проодна, а најчесто за свои потреби се користи од жителите на населените места Велјуса и Белотино, а поради богатството со разновидна фауна многу често ја посетуваат и ловџии.

Понатаму, патеката слегнува до самото село Белотино и по асфалтен пат, го поврзува со селото Попчево.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека е карактеристична по разновидната флора, фунгија и фауна.

Тревната флора овозможува престој и собирање на цветови, повеќе видови на чаеви, плодови и др.

Во пониските делови на пешачката патека се среќава разновидна листопадна шума, а од дрвјата најмногу застапени се: Betula alba - бреза, Tilia sp. – липа, Acer sp. - јавор, а во повисоките делови има претежно зимзелена шума богата со Pinus sp. - бор, Juniperus sp. - смрека, Thuja sp. - туја и др.

На оваа патека има нискостеблести растенија како што се: рибизли, капини, малини, боровинки, шипка и др., како и повеќе видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus cibarins, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera и други видови.

Од фаунистички аспект, најмногу има див зајак, волк, лисица, диви свињи и др., а од птиците најкарактеристични се: славеј, еребица, фазан, сокол, орел и др., а присутни се и разни видови инсекти.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, рурален туризам, хербален туризам, планински велосипедизам, пешачење и џогирање, алпинизам).
  • Правила кои треба да се почитуваат при движењето низ патеката:
    • Секогаш носете водоотпорна облека, дури и во лето, и носете обувки за пешачење. Носете капа или шешир за заштита од сонцето. Времето на планина се менува брзо.
    • Ако сте изгубени или сте принудени да престанете поради лошо време, останете заедно и на едно место. Пронајдете го најблиското засолниште од ветер и дожд.
    • Држете се до најпосетуваните патеки, означени на мапата за пешачење и внимателно прочитајте ги упатствата. Не пешачете по кратенки и особено не талкајте по потоците.
    • Секогаш имајте во вас доволно вода, особено во летните периоди, и храна во случај на задоцнување. Пратете ги временските услови и времето, и вратете се назад доколку сте тргнале покасно или се најавени лоши временски услови.

ПОДЛОГА: Земјен пат