Шопинг и забава


Дојди во Струмица ако претпочиташ шопинг

Струмица од дамнешни времиња била позната по своето занаетчиство и трговија во овој дел на Македонија и на Балканот. Таквата традиција и денес опстојува, па како резултат на тоа, градот е топ-шопинг дестинација за многу граѓани од македонскиот југоисток, па и пошироко, но и од пограничните места од Бугарија и Грција.

Вистинска ,,Мека’’ за пасионираните љубители на шопингот е трговскиот центар ,,Глобал’’ кој е еден од најсовремените објекти од таков тип во земјата, а со своите 40.000 м2 површина, еден од најголемите на овие простори. ,,Глобал’’ е оргинален по својата концепциска разноликост, бидејќи на приземјето е сместен зелениот пазар, а на четирите ката се сместени бројни продавници на разновидна стока, бутици, книжарници, златарници, парфимерии, кафулиња и др. Трговскиот центар располага со извонредна инфраструктура, а во склоп на истиот се наоѓа и современа катна гаража, првоизградена во Република Македонија.

Покрај ,,Глобал’’, во централното градско подрачје на Струмица се наоѓаат и многу трговско - угостителски, занаетчиски и услужни објекти. Посебно привлечна за шопинг туристите е старата струмичка чаршија која преку своите трговски објекти нуди разновидни производи од домашно производство, но и артикли од сите светски меридијани. Голем дел од тие производи го носат знакот на познати светски производни брендови.

Дојди во Струмица ако ја сакаш забавата и ноќниот живот

Струмица важи за град со најразновиден и најбогат ноќен живот во Македонија и како таков е вистинска ,,Мека’’ за младите од целата земја. Бројните ноќни барови, ноќни клубови, кафетерии, кафулиња и ресторани со својата секојдневна услуга, понуда и програмска содржина ги задоволуваат вкусовите на различни генерации посетители. Во викенд деновите и претежно во летниот период локалите организираат и специјални забави со гостувања на пејачки имиња и групи од различни музички жанрови, како и забавувачи, танчери и други гости од светот на шоу бизнисот, како од Македонија, така и надвор од земјата.