Споменик на Револуцијата - Струмица


Споменикот на Револуцијата - Струмица се наоѓа на влезот од градскиот парк и е посветен на паднатите борци во НОВ во Струмица. Тој сведочи за непокорот, отпорот кон туѓиот поробувач и борбата за подобро утре.

Авторско дело е на академскиот ликовен уметник Илија Аџиевски од Скопје.

Споменикот е откриен 1963 година и се состои од два елементи. Првиот елемент е вертикално поставен мермерен столб, на кој е изведена релјефна композиција од машка, женска и детска фигура - претстава на учесници во НОВ. Вториот дел се состои од две човечки фигури, изработени од алуминиум. И двете фигури се во згрчена положба и претставуваат борци во пад по стрелањето, но постојат и толкувања дека тоа е стриповско претставување во две слики на ист борец во пад.

Не е важно дали овој град се вика Астраион, Тивериопол или Струмица, важно е што неговите граѓани неизмерно го сакале, па го чувале, граделе и надградувале. Во таа љубов на струмичани кон својата Струмица е вгнездена и почитта кон бројните датуми кои сведочат за непокорот, отпорот кон туѓиот поробувач и борбата за подобро утре. Еден од тие датуми е токму 11ти Септември, ден кој секоја година го славиме како триумф на слободарската мечта, како ден на ослободувањето на Струмица и ден кога свечено се положува свежо цвеќе на паднатите борци во НОБ, пред споменикот на Револуцијата во Струмица.