Споменик “Гоце Делчев’’ - Струмица


Гоце Делчев се пројавил како визионер, врвен идеолог, организатор и предводник на македонското револуционерно национално движење од крајот на XIX и почетокот на XX век. Бил рожба на својата епоха, а неговото име ги персонифицира високите дострели на македонската илинденска генерација.  

Во негова чест е подигнат споменик во центарот на градот по повод стогодишнината од неговото раѓање и честото присуство во Струмица, како и неговата поврзаност со членовите на Револуционерната Организација од нашиот град. Реализацијата на споменикот започна во 1973 година, а заврши на 11.10.1976 година. Посветен е на истоимениот плоштад. Дело е на академскиот ликовен уметник Бранко Конески, а партерното решение е дело на архитектот Мирјана Волинец.

Доминантна е скулптурата од лиена бронза на Гоце Делчев во натприродна висина од 5,20 метри, свртен со раширени раце кон Пирин и Егеј, со симболична претстава на повик на борба за слобода, поставена на постамент. Лево и десно од скулптурата на Гоце Делчев има две странични мермерни платна со релјеф на кои се поставени 16 фигури на револуционери со висина од над 2 метри, исто така, поставени во движење со различити изрази на лицата. На позадината од мермерните платна се напишани записи, заклетви, преписки од времето на Гоце, а на предната страна на споменикот стои напишана познатата мисла на Гоце Делчев, чија порака го издига неговиот коспомолитски поглед и го вбројува во редот на прогресивните светски хуманисти:

Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар помеѓу народите