Во спомен на Бежанците - Струмица
На ден 04.07.2010 година, на просторот на Бежанското маало, беше откриен споменик во чест на бегалците од Егејска Македонија, дело на академскиот уметник Наташа Божарова – Пијанманова. Скулптурата е изработена со димензии на човечки раст и излиена е во бронза која има неограничена трајност.
Во основата на идејата е прикажана фигура на жена како бега со нејзините деца со изразен страв за нивните загрозени животи. Најголемото дете ја држи за фустанот, другото дете жената го држи за рака, а третото е бебе кое го држи во десната рака. И покрај тоа што очигледно бегаат, тие се свртени назад со копнежлив поглед кон родното огниште, кое е доволно далеку за да не можат да го видат.
Тука, во Струмица и околните села, бежанците наоѓаат свое прибежиште, но никогаш не се помирија со судбината дека овде ќе останат засекогаш.
Во Струмица, еден дел од градот беше наречен Бежанска маала, по доселениците од Кукуш.


