Куќа на Пееви - с. Велјуса


Куќата на Пееви во с. Велјуса е изградена од рацете на врвните мајстори, вистинско сликарско дело во склад со духот на средината и начинот на живот на луѓето.

Таа е ремек – дело на старата архитектура, градба од тули направена од природни материјали, каде што каменот е ’’арматура’’ на куќата, а големите трупци – дрво носечка конструкција. Подот во куќата е од набиена земја и затоа таму се најдебели подниците (гредите). Приодот кон куќата е изработен од парчиња камен, а бојата со која се бојадисани ѕидовите е всушност микс на земја кој едноставно се нафрла по ’’влажните’’ ѕидови создавајќи притоа, автентични со околината, соодветни шари. Оваа двокатна куќа, во приземјето има изба – подрум, каде се наоѓа целата куќна остава. Тука се ковчезите со облеката, мрсот (месо, сирење, кајмак), покуќнинските садови, земјоделските алатки и др.

Од подрумот директно се излегува надвор во дворот, каде допира чистиот воздух. Од приземјето по скали се качува на катот каде се наоѓаат одаите за живеење. Собите во куќата се големи и овозможуваат пријатен престој и акомодација во секое време.

Куќата во приземјето има широк трем за затворање на стоката, тука е и амбарот за чување на житото, простории за сместување на целата куќна остава, како што се ковчезите со облеката, покуќнинските садови, земјоделските алатаки, тука се чува овошје, зеленчук, каците за вино, маст и др.