Куќа на Белотлиеви - Струмица
Старите мајстори како да ја истуриле својата инспирација пред куќата на Белотлиеви и се чувствуваме почестени кога ќе застанеме и ќе го погледнеме оваа грандиозно архитектонско дело. Објектот куќа на Белотлиеви претставува дел од старото урбано јадро во градот Струмица. Иако денес е без функција (целосно сочуван со поголеми оштетувања ) објектот дава можност да се согледат неговите вредности и значање кои ги имал во градот во XIX век и почетокот на XX век. Кај куќата на Белотлиеви можеме да го следиме развојот на концепцијата на објекти од градската средина, каде поради недостаток на корисен простор во ниските нивоа постои повеќекатност на објектот. Кај куќите од Струмичкото подрачје оваа појава претставува повеќе потврда на некој повисок статус на семејството. Тоа е и потврда на високи градителски способности на градителите кои работеле на овие куќи.
Примената на конструктивниот систем на ѕидовите, полна тула во пониските нивоа и бондурна конструкција на катот ја сочинува основната карактеристика на надворешната обработка на фасадата. Иако овој објект е без двор, внатрешната концепција била таква што ги задоволува сите потреби на станарите. Уште во тоа време постои внатрешен санитарен јазол, перална, трем и се друго за непречено одвивање на секојдневните работи.
Објектот од таков вид во Струмица заслужува посебно значање на локално ниво од аспект на туристичката понуда на градот. Сочуваниот изворен облик на градбата и идната наменска функција која би ја добил по конзерваторските интервенции би била атрактивна и денес и би го презентирала архитектонското наследство на градот.
Можноста да се акомодира во секаков простор и да го продолжи животот во секое време, e типичен пример за куќата на Белотлиеви , која и денес е значајна како извор за современите инспирации.


