Стара струмичка чаршија - Струмица
Колку импресивно се чувстуваме гледајќи го бујниот дрворед кој нѐ носи по улицата ,,Маршал Тито’’ преполна со куќи и мотиви од раниот период на XX век. Архитектурата е многу богата и содржински силна која дозволува да ги збогатиме нашите идеи и да го пренесеме сјајот на секој кој ќе зачекори по долгата патека. Тоа е некогашната стара струмичка чаршија со околу триесетина куќи, кои како една целина се материјален доказ за развојот на урбаната структура и историското опстојување на нашиот народ на ова подрачје. Таа се формирала со градењето на куќите на богатите трговци и занаетчии од Струмица.
Следејќи го стилот на градбата се согледува дека најголемиот дел од објектите градени меѓу 1920 – 1935 година имаат неокласицистички и необарокни обликувани карактеристики. Тоа се манифестира преку релјефната обработка на малтерот од нивните фасади. Просторната организација на куќите се состои претежно од приземје и кат, од кои поголем дел имаат и визба. Намената на приземниот дел од објектите е од трговско – занаетчиски карактер, со дуќани кои излегуваат на улицата, а просториите за домување се свртени кон дворното место од задната страна на објектот. Раскошните канделабри и клупи поставени од двете старани на старата струмичка чаршија уште повеќе го збогатуваат изгледот на шеталиштето правејќи го примамливо место за седенки и прошетки.