Собрание на општина Струмица


Собранието на општина Струмица е зграда градена во периодот од 1926 до 1931 година. Се наоѓа наспроти малиот градски парк, сместена во самото градско јадро. Таа претставува фасцинантна трикатна аголна зграда со извлечен балкон, со готско - романтични полустолбови и флорална декорација. Повеќе пати зградата е реставрирана. Во приземниот дел има нагласен аголен влез над кој се наоѓа полукружен балкон и простории од административен и трговски карактер, додека на двата ката се сместени административни простории свртени кон главната улица.

Објектот е концепиран во модерен архитектонски јазик за тоа време, со специфичен масивен волумен и присуство на чисти фасадни елементи. Карактеристично за тогашниот период, иконографијата на декоративните елементи на објектот биле изведени под видливо стилско влијание од Западот. Денес е седиште на Општина Струмица, каде е сместен градоначалникот и повеќе подрачни министерства, а исто така овде се одржуваат и седниците на Советот на општина Струмица.