Куќа на Хаџитосеви - Струмица


Во стариот дел на градот, на улицата ’’Свети Кирил и Методиј’’ бр. 41, се наоѓа еден од највредните зачувани споменици на староградската архитектура во Струмица од XIX век. Тоа е струмичката куќа на Хаџитосеви која е восхитувачка не само по својата големина, туку и по својот отворен чардак. Приземјето е градено од камен и служело како стопански дел со три простории, додека другите два ката во бондрук систем биле користени за домување.

Одаите на катовите се поставени по должината на чардакот, со прозорци што гледеаат кон него. Раскошниот чардак на вториот кат е отворен и кон улицата, разбивајќи ја монотонијата на фасадата и преку издадената тераса на крајот.

Декоративните елементи на страничната фасада, како што се извиените косници под балконот, релјефната декорација над прозорците и профилираниот завршен венец, го потврдуваат влијанието на увезените европски форми. Но, сето тоа е успешно споено со старата домашна градителска традиција, како редок пример во обликувањето на старата струмичка куќа.