Споменик „Македонија“ - Струмица
Во срцето на струмичкиот Градски парк е поставен споменикот “Македонија’’, подигнат во чест на нашиот сограѓанин, трагично загинатиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Автор на скулптурата е светски познатиот руски скулптор Григориј Потоцки. Неговото дело ја симболизира победата на Македонија, победата на Трајковски, победата на мирот во Македонија. Покрај ликот на Трајковски, споменикот го содржи христијанскиот симбол крстот и ловоровиот венец, симболот на мирот, поставени во раката на жената која ја отсликува Македонија.
Ова уметничко дело, според авторот Григориј Потоцки, ја симболизира љубовта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски кон својата татковина и христијанството. Истата беше изработена во рамките на “Меѓународната струмичка ликовна колонија - 2005”. На мермерната плоча на споменикот е испишана познатата изрека на претседателот Борис Трајковски:
Сите заедно споделуваме една единствена судбина наречена Македонија


