Св. Кирил и Методиј
Црквата ,,Св. Кирил и Методиј’’ се наоѓа во стариот дел на градот Струмица и претставува едно од обележјата на православието на овие простори. Поставувањето на темелите на црквата отпочнало со султански ферман во времето на владиката Пајсие, а изградбата била завршена во 1912 година.
Во архитектонско - стилското обликување се препознаваат декоративните и градежните сличности со архитектурата на рускиот светогорски манастир ,,Св. Пантелејмон’’ и солунската црква ,,Св. Георги’’. Овде се наоѓаат моштите на Св. Василиј Велики и Св. Теофан Начертани.
Црквата е двоолтарна, а двете цркви (горна и долна) имаат иконостаси во резба изработени од страна на мајсторот на дебарската школа Нестор Алексиев во 1935 година. Во долната црква се наоѓа гробот на егзархискиот митрополит, Герасим, кој е иницијатор на изградбата на горната црква, која е посветена на Св. Кирил и Методиј.
Црквата има крстовидна основа со нартекс и камбанарија на западната страна, додека на источната страна содржи развиен олтарен простор.
Иконописот го изработиле зографите Григориј Пецанов од Струмица, Гаврил Атанасов од Берово и Д.А. Папрадишки, а имало и други анонимни автори.


