Споменик на Цар Самуил - Струмица


По повод одбележувањето на илјадагодишнината од битката на Беласица во 2014 година, македонскиот скулптор Синиша Новевски, учесник на меѓународната ликовна колонија во Струмица, изработи уште еден во низата портрети посветени на македонските великани, споменик на Цар Самуил од мермер и глина, тежок 100 кг. Водејќи се од мислата дека се работи за знаменита личност во македонската историја, авторот се стреми да допре до емоциите на сите луѓе. Неговата царска улога симболично е претставена преку раскошната круна нанижана од бисери на главата. Идејно – естетски авторот дава силен акцент на неговиот портрет со кој се будат чувства на восхит со цел да се долови неговата големина, моќ и грандиозност. Целата скулптура нуди една визуелна возбуда со своите раскошни форми кои тивко и ненаметливо зборуваат за тоа кој бил и кој е Цар Самуил за Македонија. Композицијата со својата монументалност зборува за големиот цар, за неговите јуначки подвизи што оставаат духовна порака за нас, за неговите поколенија, порака за тоа како треба да се чува и да се сака својот народ и својата држава.