Орта џамија


Орта - џамија претставува сложен комплекс на објекти кои се наоѓаат во старото урбано јадро на градот. На овој локалитет се пронајдени наоди од хелинистичкиот, римскиот, доцноантичкиот и средновековниот период. Наодите од хелинистичкиот период се застапени со карактеристичните хомерски типови на мегарски чашки со претстави од Хомеровата „Илијада“ (III-II век пр.н.е.), потоа сад со претстава на Артемида, божица на ловот - особено почитувана на овие простори (III-II век пр.н.е.), држалка на сад со претстава на Силен – шумско божество; орел и други наоди од римскиот период (II век) и многубројни чинии, чаши, грниња, наушници и монети од III-II век пр.н.е. - XVII век. Овде е пронајден мермерен постамент од статуа од крајот на II и почетокот на III век, со натпис: На добар час градот му постави статуа на својот патрон великиот Тибериј Клавдиј Менон, за неговата благонаклоност и квалитети. На овој локалитет се наоѓаат и остатоци од објект кој можеби претставува ранохристијанска базилика.

При крајот на XI век – почеток на XII век овде била подигната трикорабна црква посветена најверојатно на Пресвета Богородица, за која се говори во повелбите на српскиот владетел, Стефан Душан (1331-1355) и византискиот владетел, Јован Кантакузин (1347-1354). Во црквата е откриен синтронос, што укажува на епископскиот карактер на црквата.

Фрескоживописот на црквата потекнува од периодот на нејзиното подигање, а најзначајни фрески се: Апостол Павле од композицијата Причестување на апостолите, Апостол Лука, Апостол Симон, свештеномаченички со благородничко потекло, циклусот на Големите празници и Христови страдања. Црквата била опожарена во XIII век по што на оваа место никнала голема средновековна некропола која била користена сѐ до XVII век. На нејзино место била подигната џамија наречена Орта (Средна) џамија во 1613/14 година (1022 г. по хиџра).