Св. 15 тивериополски свештеномаченици


Комплексот цркви „Св. 15 тивериополски свештеномаченици“ се наоѓа во источниот дел на градот. Најстар објект е ранохристијанската базилика, која била трикорабна и подигната во V век, чиј под е украсен со полихромен мозаик на кој е претставен крст. Таа е подигната врз гробовите на св. 15 Тивериополски свештеномаченици. Најверојатно во VI век, во времето на Јустинијан (527-565) бил изграден крстовиден храм мартириум, врз рушевините од базиликата, но и овој храм ќе биде уништен за време на аваро - словенската инвазија (крај на VI - почеток на VII век). Над оваа црква е изградена друга крстовидна црква во IX-X век.

Во централниот дел на наосот на оваа црква е сместена засводена гробница со димензии 2 х 0,82 х 1,61 метри, а на нејзиниот западен калкан е насликан заедничкиот портрет на мачениците, додека на северниот и јужниот ѕид се насликани крстови, ова воедно претставува еден од најстарите фрескоживописи во Македонија (IX-X век). Храмот се споменува и во Грамотата на српскиот крал, Стефан Душан од 1348-1352 г. со кој се подарува на манастирот „Св. Архангел Михаил и Гаврил“ кај Призрен. Во османлискиот период храмот бил разрушен, за да во 1921 г. култот бил обновен преку подигнување на една мала капела. Во 1972 г. при копањето на темелите за изградба на нова црква, се пронајдени темелите на старите храмови. Во 1974 г. била завршена новата црква која е еднокуполна и еднакорабна, а во 1976 г. бил поставен и дрвениот иконостас. Во склоп на комплексот се наоѓа конак од отворен тип.