Св. 40 севастиски маченици
Манастирот „Св. 40 севастиски маченици“ во Банско се наоѓа по патот што скршнува од бањата Банско кон центарот на истоименото село. Манастирот ги прими своите први монаси, коишто дојдоа од Водочкиот манастир на 1 септември 2001 година. За неполни две години се подигнати нови конаци и обновена е малата црква посветена на две светителки со името Параскева: на Преподобната чиишто мошти денес почиваат во Јаши (во Романија) и на Преподобната маченичка Параскева (од Рим).
На далечина од петнаесетина минути пешачење од манастирот, се наоѓаат остатоците од манастирот, кој е посветен на Светите четириесет Севастиски маченици. Манастирот бил ѕидан како епископски храм. Поврзаноста на почитувањето на Св. четириесет Севастиски маченици се присутни во живописот на Св. Софија во Охрид и во оштетениот живопис на Водочката црква, коишто датираат од средината на XI век, стилот на градбата и пронајдените предмети во гробниците веднаш до самата црква, даваат одговор за поврзаноста на оваа црква во Банско со Водочките цркви, како и со онаа во Струмица, посветена на Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици. Откако се преселило во обновениот манастир, малубројното братство започнало со одгледување печурки, а во најтивкиот и најживописниот дел од комплексот е подигнато ново ателје за иконопис. Селото Банско нема посебна црква и сите свои духовни потреби ги исполнува во манастирската, а децата од селото секојдневно се собираат крај чешмата во дворот на манастирот.
Манастирот всушност има скитски карактер. Не повеќе од четворица во братството. Монасите се занимаваат со ракоделие: плетење бројаници, изработка на мали дрвени крстови, каширање икони. Од ноември 2004 година во манастирот на Светите четириесет Севастиски маченици во Банско активно работи печатницата „Свети Теодосиј Синајски“ со книговезница. Монашкото братство овде се обучило со печатарската вештина и се посветило на секојдневниот процес на изработка на најразновидни канцелариски материјали, што ја овозможуваат манастирската економија, а чиј принос натаму претставува драгоцен влог во издавачката дејност на епархијата. Првата книга што излезе од печат во манастирската печатница во Банско е „Школа за исихазам“ (книга 1) на Струмичкиот Митрополит г. Наум, издание на манастирот на Пресвета Богородица Елеуса од Велјуса.


