Доцноантичка урбана палата „Мачук“


Локалитетот „Мачук“ е во склоп на археолошкиот комплекс Орта - џамија. Кај населението е познато под името Мачуко, а се наоѓа во стариот дел на Струмица, на аголот од улиците ’’Тодор Чучков’’ и ’’Стив Наумов’’. Со машинско копање на темели за изградба на куќи се откриени и оштетени или делумно уништени делови од постар архитектонски објект. Интервентните заштитни ископувања во 1988 – 91 година од ’’Завод и Музеј’’ Струмица покажале дека се работи за објект со повеќе простории во кои се најдени: поден мозаик, подлога од поден мозаик, под од тули украсени со пластично изведени крстови, ѕидови со мачканица на која се зачувни фрагменти од живопис, јами, керамички садови, фрагменти од градежна керамика, како и делови од архитектонска и декоративна пластика. Остатоци од архитектурата се протегаат и надвор од габаритот на локацијата, во сите правци, што укажува на монументалноста на објектот.

Според опусот и техниката на ѕидањето постојат две градежни фази. На постарата фаза и припаѓаат просториите ѕидани со камен и кал и со подови од тули, а на помладата фаза останатите простории ѕидани со кршен камен и варов малтер, со подни мозаици и остатоци од живопис. Од локалитетот ’’Мачук’’ денес се зачувани само основите на објектот, остатоци од мозаиците и фреско – живописот, по што е определена и неговата старост. Со оглед на местоположбата, големината, архитектонската концепција на просториите, како и остатоците од ентериерот, мозаици и фрескоживопис, може слободно да се каже дека објектот е урбана палата од времето на IV- VI век. Со него се прошируват и надополнуваат сознанијата за доцноантичка населба подигната во стариот дел на денешна Струмица каде се одвивал континуиран културен и духовен живот. Декоративната концепција на мозаиците од локалитетот ’’Мачук’’, како и мозаичните декоративни елементи на локалитетот ,,Св. Петнаесет Тивериополски Маченици”, претставуваат специфично согледување на уметничкиот израз во доцната антика во градот и пошироко во Македонија.

.