Момин Бунар 1


Пешачка патека МОМИН БУНАР – ЕРГЕНСКА ЧЕШМА – КОЛИБА НА ПАЈЧЕ – СПОМЕНИК НА НОБ – СКРИВНИЦИ – МОМИН БУНАР

Прекрасна пешачка патека за искачување по ридот ’’Самораница’’. Започнува од месноста кај ’’Момин бунар’’ и Поројот ’’Коритниче’’ и по асфалтиран пат, по блага угорница, продолжува до ’’Ергенска чешма’’, кое името го добила откако била изградена од млади и стројни ергени од градот Струмица. Оваа чешма и денес се користи за пиење на студена питка вода. Оттука, по земјен пат, пешачката патека продолжува нагоре и може да се користи за рекреација, истражување и едукација.

Така пешачејќи, се стигнува до местото пријатно за одмор, познато како ’’Камчева чешма’’. Оттука, патеката продолжува по таканаречените “камени скали”, минува низ изворот “Мала чешма” и води до колибата на ’’Пајче’’. Местото е наречено по малата колиба која се наоѓа на самата патека изградена од мајстор ’’Пајче’’. Тој дел од патеката е потесен, потежок за искачување и тешко прооден.

Оттука, патеката продолжува по угорница, така што, за искачување до Споменикот на НОБ потребна е голема подготвеност и физичка издржливост. На две - три места се поминува покрај мали рекички, потоци и мали водопади.

Целата патека од почеток до крај изобилува со богата вегетација, флора и фауна на повеќе места долж патеката и прекрасни места за одмор и рекреација, како и можност за панорамско фотографирање на градот Струмица. Пешачката патека продолжува кон Споменикот на НОБ и местото наречено ’’Скривници’’ и води до Спомен Костурница.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека изобилува со равновидна флора и фауна. Во пониските делови има претежно нискостеблеста шума богата со разновидни чаеви, повеќе видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera, и др., рибизли, малини, капини, боровинки, шипка и др.

Од листопадните дрвја најмногу се застапени: Betula Alba - бреза, Tilia sp. - липа, Acer sp. - јавор, Castanea - костен и др., а на повисоките делови на патеката има високостеблеста шума со зимзелени дрвја и тоа: Pinus sp. - бор, Cupressus sp. - чемпрес, Abies Alba - ела, Picea abies - смрча и др.

Од фаунистички аспект, присутни се: зајак, волк, лисица, диви свињи и др., а од птиците најмногу се среќаваат: славеј, фазан, еребица, сокол, орел и др., а присутни се и разни видови инсекти.

  • Доплнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, пешачење и џогирање, планински велосипедизам, хербален туризам).

ПОДЛОГА: Земјен пат