Беласица 4


Пешачка патека с. Банско - месност ’’Мераба Кран’’ – с. Банско

Патеката започнува од селото Банско, над зградата на „Старата полиција“ и води нагоре кон каптажата на селскиот водовод. Во овој дел, патеката е широка и има можност за движење со велосипед или моторно возило. Таа постојано оди нагоре и води кон стар археолошки локалитет, наречен „Монос“ – стара населба која може да биде интересена за туристите од археолошка гледна точка. Овде патеката поминува во тесна шумска патека, околу која има прекрасна природа, богатство од листопадни и зимзелени шуми и други растителни видови кои го прават локалитетот вистинска „воздушна бања“, оосебно заради свежината на воздухот. Заради богатството од разновидна флора и фауна во текот на целата година низ оваа патека може да се сретнат голем број на луѓе кои собираат чаеви и печурки, а, исто така, може да се сретнат и голем број на ловџии. Патеката продолжува нагоре кон месноста „Мераба Кран“, а овде се наоѓа и старата чешма ’’Ќучук” на 1098 метри надморска височина, во чија близина има и населба со викендици. Патеката е идеална за искачување во прекрасната природа, а постои можност за фотографирање на камени скали, археолошки локалитети и панорамско фотографирање на Струмичката котлина. Со слегување по живописните падини на Беласица, оваа патека повторно води кон селото Банско.

Според местото каде што се наоѓа, оваа патека спаѓа во категоријата на планински патеки, според тежината спаѓа во категоријата на тешки патеки (патеки наменети само за планинари и професионалци), а според подлогата, спаѓа во категоријата на земјени патеки. Долга е над 5.000 метри.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека е богата со разновидна флора, фунгија и фауна. Тревната флора располага со многубројни видови на цветови, чаеви и плодови, како и со нискостеблести растенија: шумски јагоди (Fragaria vesca), боровинки (Vaccinium myrtillus), малини (Rubus idaeus), коприва (Urticaceae), глог (Crataegus monogyna), ајдучка трева (Achillea), кантарион (Hypericum) и др., и повеќе видови на печурки од кои најпознати се печурките кои се користат во исхраната: шампињонка (Agarcius bisporus), срндак (Macrolepiota procera), лисичарка (Cantharellus cibarius), вргањ (Suillus luteus) и други видови.

Во пониските делови на патеката претежно се среќава разновидна листопадна шума, а од дрвјата најзастапени се: бреза (Betula alba), јавор (Acer), липа (Tilia), а во повисоките делови има зимзелена шума богата со: туја (Thuja), смрека (Juniperus), бор (Pinus) и др. Богатството и хетерогеноста на видовите на екосистемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.

Низ самата патека може да се сретнат ендемски видови на растенија и тоа: кралски папрат (Osmunda regalis) и кедар (Cedrus).

Фауната е разновидна и се состои од: лисица (Vulpes), дива мачка (Felis silvestris), див зајак (Cuniculus), волк (Lupus) и др., а од птиците најкарактеристични се: планински сокол (Falco biarmicus), полска еребица (Predix), сојка (Garrulus glandarius), фазан (Phasianus colchicus), гулаб гривнаш (Columba palumbus), гавран (Corvus corax), чавка (Corvus monedula) и др., а присутни се и разни видови инсекти.

  • Дополнители можности за користење на патеката: еко – туризам, археолошки туризам, хербален туризам.
  • Правила кои треба да се почитуваат при движењето низ патеката:
    • Внимателно изберете ја вашата патека и држете се до неа. Одделете си доволно време и тргнете порано. Секогаш информирајте некого кон која патека се упатувате и времето на вашето поаѓање и враќање од истата.
    • Секогаш носете водоотпорна облека, дури и во лето, и носете комфортни обувки за пешачење. Носете капа, шешир или очила за заштита од сонцето. Времето на планина се менува брзо.
    • Ако сте се изгубиле или сте принудени да престанете со пешачењето поради лошо време, не се разделувајте од групата туку останете заедно и на едно место. Пронајдете го најблиското засолниште.
    • Во случај на повреда, одделете доволно време за да ја процените моменталната ситуација. Пратете две лица да побараат помош, а третото лице да остане со повредениот.
    • Секогаш имајте со вас доволно вода и храна, особено во летните периоди, во случај на задоцнување. Секогаш информирајте се за времето и вратете се назад доколку сте тргнале покасно или се најавени лоши временски услови.
    • Земете со вас целосно наполнет мобилен телефон за секаква намена и потреба.
    • Важно! При пешачење низ планинска патека, секогаш мора да ве води професионален лиценциран водич за планински патеки.
5

класа


ТЕЖИНА НА СОВЛАДУВАЊЕ
5

километри


ДОЛЖИНА НА ПАТЕКАТА