Спорт и рекреација


Дојди во Струмица ако си поклоник на спортот и рекреацијатa

Струмица е еден од градовите со најбогата спортска традиција во Македонија и поради тоа го носи епитетот ,,град на спортот’’. Струмичкиот екипен спорт во 23 – годишниот период на независност на земјата е носител на пет шампионски титули, а не мал број спортисти од овој град направиле и успешна меѓународна кариера. Стогодишната спортска историја на Струмица се негува и до ден денешен, за што сведочат бројните спортско – рекреативни комплекси и терени и големиот број граѓани (претежно млади) кои се занимаваат со спорт и рекреација.

Во спортско - рекреативните ресурси на општина Струмица спаѓаат дваесетте мапирани и категоризирани патеки за алтернативен туризам со вкупна должина од 112.27 км. Освен за пешачење, девет од нив можат да се користат и за велосипедизам, а останатите 11 и за планински мотоциклизам, четирицикл ATV и планинарење. По должина на овие патеки се поставени 70 знаци и патокази и 6 информативни табли.

Покрај тоа, низ општина Струмица предвидено е да поминува дел од мрежата велосипедски патеки ,,Еуро Вело’’, која ќе го поврзе и обедини целиот Европски континент чиј дел ќе биде и патеката број 13 насловена како ,,Патека на железната завеса’’. Оваа патека која треба да биде готова во 2020 година ќе претставува дополнителен потенцијал за развојот на спортот, рекреацијата и алтернативниот туризам во општина Струмица.

Во спортско - рекреативните ресурси на Струмица спаѓаат и големиот број спортски терени и објекти. Од нив вреди да се издвојат: Градскиот стадион ,,Младост’’ со капацитет од 6000 седишта, кој ги има сите услови за фудбалски и атлетски натпревари; Спортска сала ,,Парк’’ со капацитет од 2300 седишта, наменета за мали спортови, како што се ракомет, кошарка, одбојка и др., Салата на клубот за гимнастички спортови ,,Партизан’’ со капацитет од 300 места во која се одвиваат натпревари во гимнастика, кошарка, одбојка, борење, кик – бокс и други спортови; базените во ,,Аквариус’’ и ,,Дом на АРМ’’, картинг патека Струмица со должина од 300 метри и други. Во фаза на изградба се и мини голф терен ,,driving range’’, спортски центар ,,Пандев’’ и фудбалско игралиште со вештачка трева, а се очекува да започне и изградбата на нов Градски базен.

Како резултат на високиот спортски рејтинг што го има општината во државни и меѓународни рамки, Струмица во последните четири години беше домаќин на пет европски првенства за млади категории од кои четири во кошарка и едно во спортска ориентација.

Општина Струмица на сите тие и други спортски настани се јавува како покровител или коорганизатор.