Rural and Natural beauties


Дојди во Струмица ако ги почитуваш природните и културните вредности и убавини на руралните средини

Еден од најзначајните сегменти од севкупната туристичка понуда на општина Струмица е секако селскиот туризам кој нуди мозаик од многу природни убавини и автентични објекти од недвижното културно наследство од овој крај. Селата Банско, Велјуса, Водоча и Габрово се вистински репрезенти на тој вид туризам, а присуството на ендемскиот папрат Osmunda Regalis на падините на Беласица, како исклучителен природен раритет, е вистински предизвик за туристите.

Банско

Во близина на ова населено место се наоѓа “Римската терма” која претставува археолошки локалитет на доцноантичко термално лекувалиште, кое е подигнато во III и IV век. Објектот најверојатно ги користел лековитите води од изворот “Парило” кој се наоѓа недалеку од него, чиј капацитет е 42 литри во секунда, а водата е со температура од 72 оC. Во објектот досега се откриени 11 простории со различни намени, како што се аподитериум, диптериум, фригидариум, базен и други. Значајно е да се напомене дека “Римската терма” е еден од ретко сочуваните објекти од таков вид во Европа.

Во Банско се наоѓа и манастирската црква “Св. Четириесет севастиски маченици” која е еден од најзначајните локалитети и културно - историски споменици во општина Струмица. Се претпоставува дека црквата е изградена во времето на владеење на династијата Комнени по падот на Самуиловото царство.

Габрово

Селото се наоѓа под падините на планината Беласица и со своето природно опкружување, старата архитектура и традиционалниот начин на живеење, претставува вистински празник за очите и душата на љубителите на селскиот туризам. Најважното обележје на Габрово и неговата околина се секако трите Габровски водопади од утробата на планината Беласица. До пред извесно време достапен беше еден од водопадите, но со ангажман на општина Струмица достапни се и останатите два. Покрај природните убавини, впечатокот го надополнуваат и три моста, летниковци, клупи и други елементи за поубав престој на туристите.

Велјуса

Ова село е едно од најреспектабилните туристички дестинации во општина Струмица, првенствено поради манастирската црква “Света Богородица Елеуса (Милостива)”, еден од најзначајните споменици на културата од таков вид, не само во Македонија, туку и на Балканот. Манастирот е изграден во 1080-та година од страна на струмичкиот Епископ Мануил. Значаен е по својата извонредна архитектура, по сочуваните композиции од богатиот фрескоживопис, подниот мозаик, но и по автентичниот крст насликан на ѕидот од црковниот трем кој е прогласен за најоригинален крст на светот.

Во Велјуса се наоѓаат и куќите на семејствата Михајлови и Пееви кои со својата стара архитектура, екстериерно и интериерно уредување, претставуваат непроценливи примероци за руралното живеење во Велјуса и вистински предизвик за туристите.

Водоча

Ова село е едно од најпосетуваните населени места во општина Струмица од страна на домашните и странските туристи. Главен белег на Водоча е комплексот водочки цркви “Св. Леонтиј”. Овој компклекс го сочинуваат три цркви кои доживеале најмалку 4 фази на градба. Првата фаза, ранохристијанска базилика од V-VI век, втората, Источна црква од VII-IX век, трета, Западна црква подигната во периодот од 1018 - 1037 година и четврта Средна црква, изградена кон крајот на XI век и почетокот на XII век. “Св. Леонтиј” се спомнува и како епископско седиште.

Во Водоча може да се посетат и три археолошки локалитети, и тоа “Кулите”- населба од хеленистичкото, римското и доцноантичкото време, “Селиште” - населба од доцноантичкото и средновековното време и “Тиверија” - населба од римското и доцноантичкото време.