Планини и води


Општина Струмица е поднебје кое по својот релјеф, има белег на различности. Од една страна планини и ридови, од друга страна реки, потоци, хидросистеми, извори, подземни води... За да се дополни сликата на различности, природата дарила топло сонце и благи зими, прекрасен спој кој нуди простор за истражување, рекреација и релаксација.

Планини

Планините Беласица, Плавуш и Еленица, кои ја опкружуваат Струмица, нудат прекрасни места и можности за развој на ловниот, спортскиот и рекреативниот туризам. Големите површини покриени претежно со шуми, ливади и пасишта, со разновидноста на флората и фауната, со различни видови на дивеч и птици, привлекуваат голем број љубители на ловот.

Беласица се наоѓа југоисточно од Струмица со највисок врв од 2031 м. Таа е една од најстарите планини, не само во Република Македонија, туку и на Балканот. Според морфолошката структура, планината Беласица е изразит карст, со мошне стрмни падини кои се спуштаат на северната и јужната страна. Богата е со шуми, а како разгледница пред очите се простираат безбројните пасишта. Меѓутоа, Беласица сѐ уште има места во кои човечка нога не стапнала, односно не е доволно истражена.

Плавуш е мала ниска планина и претставува западно продолжение на планината Беласица, каде е одделена со падините во селото Костурино, Највисока точка е котата 997 м. Составена е од амфиболити, кристалести шкрилци и кварцити. Осамените и ниски врвови завршуваат со сиви варовници.

Планината Еленица е дел од планината Смрдеш и се наоѓа на надморска височина од 900 м. Највисок врв на оваа планина е истоимениот врв “Еленица”. Располага со типично благ релјеф. Составена е од карбонат (калциум карбонат), варовник и земја црвеница. Оваа планина ја обиколуваат селата Водоча, Велјуса, Рич, Белотино и Попчево.

На планините кои се наоѓаат на територијата на општина Струмица има голем број нискостеблести растенија како што се: рибизли, капини, малини, боровинки, шипка и др., повеќе разновидни чаеви, цвеќиња, плодови, смоли и сл, а исто така, и неколку видови на габи и тоа: лисичарка, шампињонка, срндак, вргањ и др. Од листопадните дрвја најзастапени се: бреза, липа, јавор, даб, габер, костен, јасен, бука и др. Од зимзелените дрвја најмногу се среќаваат: чемпрес, бор, туја, смрека, смрча, ела, јасен, итн. Фауната ја сочинуваат: зајаци, диви свињи, срни, волци, лисици, елени, диви мачки, верверици, и др., а од птиците се среќаваат: славеј, фазан, еребица, јастреб, сојка, чавка, орел, сокол и др., како и присуство на разни видови инсекти.

Води

Територијата на општина Струмица е богата со вода. Има развиена хидрографска мрежа, што ја сочинуваат реките, потоците, изворите, подземните води, хидросистемите... Изградени се водоводи, бунари и јавни чешми, како и вештачко акумулационо езеро (Водоча) и други водни објекти.

Вештачкото езеро ,,Водоча, кое се наоѓа кај село Попчево, општина Струмица, е големо акумулационо езеро. Длабоко е 38,7 м. Покрај водоснабдувањето и наводнувањето на земјоделските култури во Струмичкото поле, истото нуди и можност за одмор, рекреација, истражување и едукација. Езерото ,,Водоча” и неговата околина е како создадено за бројни спортски активности, како што се лов, риболов, пешачење, џогирање и велосипедизам, а претставува и вистински празник за очите и душата. Во езерото престојуваат поголем број на барски птици, а од рибниот фонд најзастапени се крапот, црвеноперката и белвицата.

Во подножјето на планината Беласица извираат многубројни термални и минерални води. Меѓу нив најпознат е изворот во с. Банско. Водата од овој извор е лековита, минерална и сулфурна со температура од 730C. Служи за снадбување на Бања Банско со лековита вода. Со хидрогеолошките испитувања од страна на Геолошкиот завод во Скопје, утврдено е дека термоминералните води кај село Банско се најтопли во Република Македонија.