Тврдина „Цареви Кули“


Издигнати на доминантна позиција на градот, дебелите бедеми и тврдини над градот, наречени Царевите Кули, сведочат за древноста, историјата низ која живеела и се издигнала Струмица. Каде и да сте во градот не може а да не ја забележите оваа величествена тврдина, која длабоко во себе крие бескрајно многу раскази, митови но и фактографија за нашиот град од древните времиња до денес. Оваа тврдина се наоѓа на јужната страна на градот, на зарамнето плато на врвот од ридот, кој мошне стрмно се издига над градот. Ова плато се наоѓа на надморска височина од 445 метри и од таму е можна прегледност и контрола над целата струмичка котлина. Платото можело полесно да се брани и кога не би било утврдено, затоа што со стрмнина е обиколено од сите страни. Ваквата местоположба на тврдината и овозможува едновремено да ги контролира трите влеза во градот.

По самите рабови на платото се наоѓаат остатоци од одбранбен ѕид, од кои западниот, во должина од четириесетина метри, и денес е добро видлив. Овој одбранбен ѕид долж платото ја следи конфигурацијата на теренот по речиси иста изохипса. Покрај овој бадем на врвот на ридот, постојат уште неколку бедеми кои се протегаат на северната страна во неколку појаси, кои најверојатно допираат до самиот град Струмица.

Главниот влез се наоѓал на јужната страна. Влезот бил фланкиран со две правоаголни кули, од кои југозападната и денес е сочувана, иако во нарушена состојба. Што се однесува до југоисточната кула, таа се издигала сѐ до земјотресот кој ги погодил овие краишта во триесетите години на XX век. Можеме, исто така, да претпоставиме дека вакви кули имало и на северозападната и североисточната страна, зошто целата тврдина има форма на четвороаголник.

Во внатрешноста на тврдината се наоѓаат добро сочувани остатоци од повеќекатна полигонална кула, која претставувала некој вид команден центар од кој се раководело со одбраната, таканаречен – донжон. Таа, и ден денес, добро е сочувана и се протега во правец север – југ.

Однадвор има форма на неправилен издолжен шестоаголник со два остри агла свртени кон север и југ. Внатрешноста на кулата е четвороаголно организирана и имала два или повеќе ката. Педесетина метри северно од кулата се наоѓа издлабена во земјата четвороаголна просторија – цистерна. За оваа просторија се претпоставува дека била цистерна за вода или скаладиште за храна, жито, итн.

На западната и источната страна се наоѓа зарамнето плато на кое се констатирани стопански и станбени објекти на посадата на тврдината.

Новите археолошки истражувања постепено ги испишуваат страниците на историјата за судбината на оваа тврдина тесно поврзана со судбината на градот Струмица. Најпрво истражувањата биле насочени кон централната кула или како што археолозите ја нарекуваат пирг кула. Овде се дошло до мошне интересни сознанија и наоди.

Истражувањата продолжуваат кон утврдување на бедемските остатоци на тврдината. И овде се наидува на богати археолошки сознанија од повеќе историски периоди, предмети како питоси за складирање на храна, монети на претпоследниот крал Филип Петти од вториот век пред нашата ера.

И севериот и јужниот влез на тврдината криеле богати археолошки наоди од различни временски периоди.

Богатото културно минато на Царевите Кули се докажува и со богатата археолошка ризница со доста растеглива старост дури од праисториско време. Откриените женски фигури со големина од 10 до 15 см., потоа графитната слика на керамика претставуваат вистинска реткост на балканските простори. Кај археолозите посебно задоволство предизвика откриената луцерна со претстава на Александар Македонски, која потекнува од IV век од нашата ера и златен накит од II век пред нашата ера. Со континуирано истаржување откриени се интерсни наоди од периодот на владеењето на Филип Втори Македонски. Пронајдени се монети со неговиот лик, но и венецијански монети, потоа амфори, садови, кантароси, накит, фрагменти од сликани вазни, црнофиносувана керамика, фигури од малоазиски тип и др.

За одбележување е откривањето на средновековна црква од крајот на XII и почетокот на XIII век. Интересен е наодот од олтарниот простор на црквата каде што е пронајден крст на кој е прикажан светител и натпис ГЕОРГИО, што можеби укажува на посветата на црквата Св. Ѓорѓи.

Со тоа се докажува дека историјата што во себе ја носи тврдината се поврзува со историјата на Струмица. Без разлика дали е тоа славниот Астраион, Тивериопол, Естреон или Уструмџе, Цареви Кули секогаш стоеле тука и дури многу порано, длабоко во праисторијата кога овде цутела богата култура од времето на доцниот енеолит и раната бронзена епоха.

Цареви Кули е место каде што живееле многу генерации, каде се крстосувало и се царувало, каде се освојувало и победувало.

Откривајќи ги овие вредности на нашето културно наследство, можеме слободно да се гордееме со материјалното и културното богатство од нашиот крај. Цареви Кули нудат огромен потенцијал за развој на културниот туризам којшто во последната деценија бележи голем пораст во туристичките понуди. Тоа го овозможуваат природните убавини, недопрените делови од природата, богатата историја, богатото културно наследство, вкусната храна и секако великодушноста, дарежливоста, гостопримството и духот на македонскиот народ. Истражувањата, конзервацијата и реставарацијата на одредени сегметни на тврдината Цраеви Кули ќе овозможат повторно оживување на овој прекрасен објект наследен од нашите претци, кога ноќите над Струмица ќе добијат ново значење за убавината на градот, со што ќе се мотивираат следните генерации струмичани со инспирација за нови творештва од слоевите кои што ги напластиле културите стари неколку милениуми, длабоко всадени во нашето битие.