Ловен Дом 4


Пешачка патека ЛОВЕН ДОМ - ЛЕКОВИТА ВОДА - КОМПЛЕКС ЦАРЕВИ КУЛИ - с. ПОПЧЕВО - с. РАБОРЦИ (КАСКАДА МАРКОВА РЕКА)

Карактеристична пешачка патека, составена од два дела, од кои едниот е тежок за искачување, кој бара поголема физичка подготвеност и познавања од планинарење, а другиот дел е рамен пат и доста погоден за пешачење. Патеката започнува од десната страна на месноста ’’Ловен Дом’’, стрмно издигнувaјќи се нагоре кон ридот до манастирот ’’Свети Ѓорѓи’’ и тврдината ’’Цареви Кули’’. Местото е погодно за панорамско фотографирање на градот Струмица и нејзината околина.

Од западната кула на ’’Цареви Кули’’, со спуштање надолу по камени скали, патеката продолжува и води рамно до комплексот ’’Цареви Кули’’. Овој прекрасен новоизграден објект, нуди пријатна атмосфера за одмор и рекреација на посетителите и љубителите на добрата храна, а пред сѐ на чистиот и свеж планински воздух. Во склоп на комплексот ’’Цареви Кули’’ постојат опремени сместувачки капацитети и зоолошка градина, која претставува посебна туристичка атракција.

Местото изобилува со карактеристични видови на разновидна флора и фауна. Оваа пешачка патека има повеќе намени и тоа: рекреативни, спортски, културни, истражувачки и едукативни. Понатаму, продолжува напред по рамен и асфалтиран пат до селото Попчево. Селото е планинско и во него може да се посети селската чешма и споменикот на Ристо Попчевски. Овде има прекрасна природа и можност за селски туризам. Планинскиот воздух, еколошки чистиот амбиент и поволната клима во комбинација со природната глетка, претставуваат идеално место за викенд – релаксација.

Пешачката патека продолжува кон селото Старо Раборци, веќе иселено, но сместено во прекрасен дел со свеж воздух и зелен појас недалеку од браната ’’Водоча’’. Овде може да се сретне листопадна и зимзелена шума, со различни видови на дрвја, нискостеблести растенија, разни видови на печурки и.т.н.

Понатаму патеката води кон селото Ново Раборци, богато со разновидна природа во текот на сите годишни времиња и продолжува до каскадата на ’’Маркова река’’. Поради тоа, голем број на жители на општина Струмица и околината, овие места ги користат за изградба на викендици, сѐ со цел да можат да уживаат во раскошната природа што ја нуди овој крај.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека изобилува со разновидна флора и фауна. Во пониските делови најмногу доминираат листопадните шуми богати со: Betuala Alba -бреза, Tilia sp. - липа, Quercus – даб, Fagus silvatica - бука, Castanea - костен. Зимзелените шуми се наоѓаат претежно на повисоките делови, каде се среќаваат: Pinus silvestris - бор, Abies alba - ела, Cupressus sp. - чемпрес, Juniperus sp. - смрека.

Во околината на патеката има разновидни нискостеблести растенија како што се: малини, капини, рибизли, боровинки, шипка и др., разновидни чаеви и повеќе видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera, и др.

Фауната е разновидна и богата со: зајаци, волци, лисици, диви свињи, а од птиците можат да се сретнат: славеј, фазан, орел, сокол, еребица и др., а присутни се и разни видови инсекти.

Патеката се користи од ловџиите во текот на ловната сезона, а се забележуваат и луѓето кои имаат стада од овци, говеда и кози, кои што го носат добитокот на пасење.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, пешачење и џогирање, планински велосипедизам, возење со четирицикл, алпинизам, археолошки туризам, хербален туризам, рурален туризам).

ПОДЛОГА: Земјен пат / Асфалт