Банско 2


Пешачка патека с. БАНСКО – СТАР ВОДОВОД – с. БАНСКО

Пешачката патека е многу интересна за искачување, затоа што одејќи по неа можат да се видат раскошни релјефи, створени од природата, како и исклучително значајни објекти од богатата историја и култура со која што изобилува Струмичката котлина.

Почнува од селото Банско, а овде природата не ја штедела својата дарежливост, исцртала единствени и уникатни пејзажи, исполнети со најразлични мириси од природата.

Пешачката патека по нагорна линија минува низ новиот водовод на селото Банско, поминува низ убава река, чијашто вода туристите слободно може да ја користат и за пиење, доаѓа од падините на планината Беласица и нагоре продолжува по стрмни (природни) скали, а потоа свртува лево и по тесна козја патека, доаѓа до ’’стар Водовод’’ на с. Банско.

Околината изобилува со зеленило покриено со борова шума која ќе ве воодушеви со своите природни убавини, несекојдневно и убаво искуство, а поради раскошната убавина и бујната вегетација, овде постои и исклучителна можност за панорамско фотографирање.

Доколку сакате, тука можете да ја почувствувате свежината на утрото, кое што изобилува со возушна бања, да заспиете под ведро небо и во тивка ноќ, или само да го почувствувата духот на историјата. Одовде патеката се спушта по шумски пат, минува низ хотел и се враќа на почетната точка во селото Банско.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека е богата со разновидна флора, фунгија и фауна. Тревната флора располага со многубројни видови на цветови, чаеви и плодови, како и со нискостеблести растенија како што се: рибизли, капини, малини, боровинки, шипка и др., и повеќе видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus cibarins, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera и други видови.

Во пониските делови на патеката претежно се среќава разновидна листопадна шума, а од дрвјата најмногу застапени се: Betula alba - бреза, Tilia sp. – липа, Acer sp. - јавор, а во повисоките делови има зимзелена шума богата со Pinus sp. - бор, Juniperus sp. - смрека, Thuja sp. - туја и др. Богатството и хетерогеноста на видовите на екоситемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.

Од фаунистички аспект, најмногу има: срна, див зајак, волк, лисица, диви свињи, и др., а од птиците најкарактеристични се: сокол, славеј, еребица, тетреб, фазан, орел и др., како и присуство на разни видови инсекти.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, рурален туризам, термален туризам, археолошки туризам, пешачење и џогирање, хербален туризам).
  • Правила кои треба да се почитуваат при движењето низ патеката:
    • Секогаш носете водоотпорна облека, дури и во лето, и носете обувки за пешачење. Носете капа или шешир за заштита од сонцето. Времето на планина се менува брзо.
    • Ако сте изгубени или сте принудени да престанете поради лошо време, останете заедно и на едно место. Пронајдете го најблиското засолниште од ветер и дожд.
    • Држете се до најпосетуваните патеки, означени на мапата за пешачење и внимателно прочитајте ги упатствата. Не пешачете по кратенки и особено не талкајте по потоците.
    • Секогаш имајте во вас доволно вода, особено во летните периоди, и храна во случај на задоцнување. Пратете ги временските услови и времето, и вратете се назад доколку сте тргнале покасно или се најавени лоши временски услови.

ПОДЛОГА: Земјен пат