Цркви и манастири
Сакралната архитектура во Струмица и Струмичко ја одликуваат објекти настанати во различни временски епохи, почнувајќи од оние настанати во почетокот на христијанството, како што е базиликата од 5-6 век на локалитетот “Св. 15 Тивериополски свештеномаченици” и црквата над базиликата настаната некаде во 12-13 век. Манастирот “Св. Богородица Елеуса” во Велјуса, кој е вистински бисер на византиското градежништво, и заедно со компилациите на цркви “Св. Леонтиј” во Водоча, спаѓа во еден од најдобро сочуваните манастири од 11 век.
Овде секако треба да бидат споменати и црквите низ помалите населени места настанати воглавно во преродбенскиот период во 19 век, како и црквата “Св. Кирил и Методиј”, вистински бисер на руските сакрални влијанија.
Во списокот на сакралните објекти, не треба да ги одминеме и исламските сакрални градежни активности од кои секако најважна е “Орта Џамија”, изградена во 17 век во Струмица.