Споменик “Струмичанка под маска’’ - Струмица


Споменикот ”Струмичанка под маска’’ или “Човек под маска’’ се наоѓа на плоштадот “Гоце Делчев’’ во Струмица. Оваа скулптура е изработена од бронза и изградена е врз севкупната појавност на градот Струмица, опфаќајки ги сите аспекти и димензии на неговото постоење низ сите времиња и сведоштва. Преку ова дело симболично се обединуваат содржините на градот во една мисла и еден знаковен печат.

Споменикот е дело на Наташа Божарова – Пијанманова, чија што главна идеја е материјализирана во претставата на нежна женска фигура која претставува поетска алегорија на градот Струмица.

Нејзината нежност, убавина, мудрост и гостопримливост се основните карактеристики на градот. Лицето и е нежно, мечтателно, исполнето со благост и убавина, додека телото и е цврсто, силно и стабилно.

Во рацете гордо ги носи светлите и свети симболи наследени од предците кои достоинствено им ги нуди на сегашните и на идните поколенија. Во десната рака близу до телото таа како штит го носи грбот на Струмица. На него релјефно се обработени симболите на градот (крстот, ѕвездата, сонцето и маската) наследени од наталожените искуства и влијанија на цивилизациите и културите кои овде се вкрстувале. Во левата рака високо над главата носи голема карневалска маска - симболот на многувековната традиција. Фигурата е облечена во долга наметка со елегантно, но и драматично движење на наборите на драперијата потсетувајќи на развиорено знаме кое ја слави внатрешната, но и надворешната големина на градот Струмица.

.