За Струмица


Општина Струмица располага со материјални и духовни остатоци, создадени во различни временски епохи, почнувајќи од праисторијата, низ антиката, византиско-словенската, преку турскиот период, коишто согласно меѓународно - глобалните трендови, нудат сериозни можности за развој на туризмот, како специфичен феномен на современото пулсирање.

Градот Струмица е сместен во југоисточниот дел на Република Македонија, во Струмичката котлина, што се простира на просечна надморска височина од 239 метри, со плодно широко поле, долги топли лета со 230 сончеви денови и сончев сјај кој трае 2377 часа годишно, опколена со венец од велелепните планини: Беласица, Огражден и Еленица.

Со јасна и прочистена творечка свест и оргинален туристички концепт, градот Струмица на секој посетител гордо му подава рака и го внесува во разнобојната духовна и волшебна туристичка глетка, затоа што враќањето кон природата и допирот со традицијата и сопствените корени, се задоволства, кои современиот турист сѐ почесто ги бара.

Еден светол ден, ,,Под Кулите на Струмица”, на земја, до дрво, седеше патеписец и збор по збор, така лесно, читко и гласно ја пишуваше историјата на Струмица, со илјадници ѕвезди...

Оргиналната музика и фолклорот, народната носија, обвиена со оро, екот на хорските грла, струмичката инструментална и распеана носталгија, мистериозниот трепет на даските, струмичките карневали, сите заедно собрани, надалеку го разлеваат силниот громогласен аплауз кој се слуша до бескрај...

Во ,,Струмица на улица’’, треба да се почувствуваат мирот и спокојот во Црквата ’’Свети Кирил и Методиј’’, да се видат големите дела на старите градители, фрескосликари и копаничари во Црквата ,,Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици’’, а исто така, и остатоците од хелинистичкиот, римскиот, доцноантичкиот и средновековниот период во ,,Орта Џамија’’.

Да прошетаме низ рајските убавини на зелената и бујна пешачка патека од ,,Ловен Дом” до ,,Свети Илија’’, да се напиеме од студената вода на ,,Лековита чешма’’, ,,Ергенска чешма’’ и ,,Момин Бунар’’, и ќе дојдеме на ридот до археолошката ризница, од вековите пред нашата ера, на тврдината ,,Цареви Кули’’.

Ќе застанеме пред најмаркантната архитектура, живописување и мозаик во манастирската црква ,,Свети Леонтиј’’ во с. Водоча и манастирската црква ,,Света Богородица Елеуса’’ во с. Вељуса.

Да зачекориме по долгата патека на Струмица, и така збор по збор, ќе раскажуваме во големата туристичка книга, со наслов: ,,Запиши за ѕвездите’’, која вреди да се гледа и внимателно да се разлиста, лист по лист, со доаѓањето во градот Струмица.

Секој добронамерен посетител не може да остане рамнодушен пред оваа чудесна убавина, и затоа, по долгото патување, ќе седне на големиот плоштад ,,Гоце Делчев’’ во Струмица и со раширени раце, ќе го вдише спокојниот воздух, ќе си зборува на трпеза со леб од фурна, со преубавите тави од свинско и јагнешко месо, со освежителна чорбичка, ајвар, пинџур, и др., слаткото од лубеници и со една чашка вино ќе наздрави за повторното доаѓање во овој раскошен, гостопримлив, ведар и насмеан дух на градот Струмица.

Општина Струмица, ден со ден, ја збогатува својата туристичка понуда преку конкретни мерки и проекти, и во иднина ќе испишува незаборавни туристички редови, стихови, стрoфи и рими, во насока на промоција на градот Струмица како атрактивна туристичка дестинација во земјата и пошироко.