Габровски водопади
Во непосредна близина на Колешинскиот и на Смоларскиот Водопад, во пазувите на планината Беласица, скриени од очите на јавноста се наоѓаат Габровски водопади. Сместени се веднаш над селото Габрово, по кое и го добиле името. На оддалеченост од еден километар има три помали водопади, високи од 4 до 8 метри, а нивната чиста ледено студена вода истекува меѓу дебелите и разгранети буки. Слапот од највисокиот водопад се прекршува во средниот, а тој во најмалиот и заедно истекуваат покрај последната куќа од селото Габрово. Самото прекршување и паѓање на водата од еден во друг водопад е тоа што ги прави интересни и различни од двата веќе добропознати водопади во овој крај.
Овде доаѓаат ретки посетители што слушнале за оваа природна убавина, но оние највештите и најхрабрите можат да се искачат по тесни и стрмни козји патеки, кои ја испреплетуваат таинствената планина Беласица. Во оваа недопрена идила се слуша само шепотот на водата и песната на птиците. Водопадите се толку величенствени и таинствени, што се добива впечаток дека тие го диктираат животот во планината.
Пристапот до водопадите е лесен, просторот уреден со пристапни патеки, клупи и летниковци.
Габровските водопади се навистина убави, водата е многу бистра, а природата околу нив е прекрасна. Оваа природна реткост станува сѐ почеста дестинација, како за домашни така и за странски туристи (најмногу од Холандија и Белгија). Свој придонес во зголемувањето на бројот на посетители, имаат и мештаните од селото Габрово кои се познати по својата гостопримливост, а кои за посетителите приготвуваат традиционални јадења карактеристични за овој крај.
.