Архитектура
Старата архитектура на Струмица, за жал, е сочувана во многу мал обем, а онаа од 19 век е застапена само со неколку објекти. Традиционалната архитектура во градот е со стилско-естетско-градежни карактеристики застапени во таканаречениот Ориентален тип на куќа својствен за источниот дел на Балканскиот полуостров.
Од друга страна, архитектурата создадена во меѓувоениот период ги отсликува западните градежни тенденции со потенциран еклектизам во фасадното обликување.
Руралната архитектура е својствена за овој дел на Балканскиот полуостров и таа се состои воглавно од двокатни објекти со широко отворени чардаци и соби за домување на горниот кат. Во долниот дел обично се наоѓаат собите за остава на земјоделските производи и алатки, а понекогаш овде се чувала и стоката. Обично се градени во комбинирана техника на камен поврзан со кал или малтер во долните делови и бондрук систем во горниот кат. Ѕидањето е поретко застапено во горните делови на објектите.