Раборци 3


Пешачка патека РЕГИОНАЛЕН ПАТ (с. ПОПЧЕВО - с. БЕЛОТИНО) – ЕЗЕРО ВОДОЧА – РЕГИОНАЛЕН ПАТ (с. ПОПЧЕВО - с. БЕЛОТИНО)

Пешачката патека е од исклучителна важност, бидејќи поминува низ населените места с. Попчево и с. Белотино кои се карактеризираат со специфични поволни климатски услови и со можност за развој на рурален туризам.

Оваа пешачка патека започнува од локалниот пат кај село Попчево кое изобилува со бујна вегетација и свеж планински воздух. Тука постои можност за развој на риболов, а во летниот период околу браната постои вилна зона со импровизирани рибарски колиби кои што се користат од риболовците за ловење.

Околу патеката има широки зелени пасишта и ливади каде што локалното население го носи добитокот на пасење. Околината на патеката изобилува со раскошен пејзаж, богата вегетција, прекрасни места за одмор и рекреација, како и со можност за панорамско фотографирање.

Патеката е богата со разновидна флора и фауна. На пониските делови најчесто се среќава листопадна шума со: бреза, липа, даб, костен, јавори и др., а на повисоките делови од зимзелените дрвја најзастапени се: борови, чемпреси, туи, смрека, и др.

Фауната е разновидна и богата со зајаци, волци, лисици, а од птиците најмногу се застапени: фазани, орели, соколи и др., како и присуство на разни видови инсекти.

Водените екосистеми се карактеризираат со добро развиена биофлора, со многу видови водни растенија и тоа: трски, алгален диверзитет, значаен за опстанокот на повеќето видови на риби, како што се: сомот, црвеноперката, кострекот и други видови.

Овој дел од пешачката патека е богат и со борова шума, па, затоа најмногу се користи за одмор, рекреација и релаксација, пикник, вежбање и други спортски активности.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека изобилува со чист воздух, богата е со шуми и колоритна околина. Тревната флора нуди можност за собирање на разновидни чаеви и плодови. Нискостеблестата шума има разновидни растенија и тоа: голем број видови на габи како лисичарка - Cantharellus, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera, и др., малини, капини, рибизли, боровинки, шипка и др.

Во пониските делови најмногу се застапени листопадните дрвја и тоа: Betula alba - бреза, Tilia sp. - липа, Acer sp. - јавор. На повисоките делови можат да се сретнат мешани шуми, а најмногу доминираат зимзелените дрвја и тоа: Pinus sp. - бор, Abies Alba - ела, Junioerus sp. - смрека, Cupressus sp. - чемрес и др.

Од фаунистички аспект, присутни се: зајак, волк, лисица, диви свињи и др., а од птиците тоа се: славеј, еребица, фазан, сокол, орел и др., а присутни се и разни видови инсекти.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, рурален туризам, пешачење и џогирање, лов и риболов, планински велосипедизам, хербален туризам).

ПОДЛОГА: Земјен пат