Ловен Дом 3


Пешачка патека ЛОВЕН ДОМ – РЕПЕТИТОР – ЦАРЕВИ КУЛИ – ЛОВЕН ДОМ

Интересна пешачка патека, за пешачење и искачување, за сите посетители и љубители на природата. Оваа шумска патека е стрмна и тешка за искачување нагоре, и затоа е препорачлива пред сѐ за лицата кои се во добра здравствена форма и физичка кондиција, а истовремено имаат и основни познавања од планинарење. Нејзината околина има бујна вегетација во пролетниот и летниот период.

Пешачката патека започнува од левата страна на месноста ’’Ловен Дом’’ и минува низ Репетитор I и II. Од самиот почеток е со стрмно искачување нагоре. Таа е проодна, но сепак претставува многу тесна шумска патека. Од левата и десната страна има нискостеблеста фауна и доста стрмни места за искачување. Патеката е земјена и необележана и води до црквата ’’Свети Ѓорѓи’’ и тврдината ’’Цареви Кули’’. Овој импресивен панорамски поглед е идеално место за фотографирање на цела Струмица и Струмичкото поле.

Овде воздухот е свеж и пријатен, а исто така, тука можат да се најдат повеќе видови на лековити растенија и одредени видови на печурки. Постои можност патеката да биде проширена и покрај тоа што таа е целосно проодна до самиот врв. Оваа пешачка патека има можност за враќање во истиот правец, но и за кружно движење, кое продолжува до западната кула од тврдината ’’Цареви Кули’’ и по мал земјен пат се спушта кон познатата чешма ’’Лековита вода’’.

Патеката минува низ нискостеблеста шума, а по неа, на одредени места има и камени скали. Од чешмата ’’Лековита вода’’, патеката продолжува кон месноста ’’Ловен Дом’’, а за враќање пак од појдовната точка.

Оваа пешачка патека од чешмата ’’Лековита вода’’ до ’’Ловен Дом’’ е тампонирана, обележана и модерна, со места за вежбање од нејзините две страни. Пешачејќи по патеката се поминува покрај нискостеблеста шума и два моста, а има поставено и дрвени клупи за одмор на посетителите.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека е карактеристична со разновидна флора и фауна. На пониските делови најмногу доминираат листопадните дрвја: Quercus - даб, Carpinus Betulus - габер, Castanea - костен, Fagus silvatica - бука. На повисоките делови од патеката има претежно зимзелени дрвја и тоа: Pinus Silvestris - бор, abies Alba - ела и Juniperus communis - смрека. Мешаните шуми се наоѓаат на помали површини и поретко можат да се сретнат.

Патеката располага и со разновидна тревна флора богата со чаеви, цвеќиња, плодови, смоли и др. Околината на патеката изобилува со многубројни нискостеблести растенија како што се: рибизли, капини, малини, боровинки, шипка и др., како и неколку видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera, и др.

Фауната е разновидна и се состои од: диви свињи, зајаци, волци, лисици. Од птиците најмногу се среќаваат: славеј, фазан, еребица, орел, сокол и др., а присутни се и разни видови инсекти.

Богатството и хетерогеноста на видовите на екоситемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, пешачење и џогирање, планински велосипедизам, археолошки туризам, хербален туризам, алпинизам).
  • Правила кои треба да се почитуваат при движењето низ патеката:
    • Секогаш носете водоотпорна облека, дури и во лето, и носете обувки за пешачење. Носете капа или шешир за заштита од сонцето. Времето на планина се менува брзо.
    • Ако сте изгубени или сте принудени да престанете поради лошо време, останете заедно и на едно место. Пронајдете го најблиското засолниште од ветер и дожд.
    • Држете се до најпосетуваните патеки, означени на мапата за пешачење и внимателно прочитајте ги упатствата. Не пешачете по кратенки и особено не талкајте по потоците.
    • Секогаш имајте во вас доволно вода, особено во летните периоди, и храна во случај на задоцнување. Пратете ги временските услови и времето, и вратете се назад доколку сте тргнале покасно или се најавени лоши временски услови.

ПОДЛОГА: Земјен пат / Асфалт