Ловен Дом 2


Пешачка патека ЛОВЕН ДОМ - ЧЕШМА ЛЕКОВИТА ВОДА - ЦАРЕВИ КУЛИ - ЛОВЕН ДОМ

Пешачката патека започнува од месноста ’’Ловен Дом’’ над градот Струмица и завршува до тврдината ’’Цареви Кули’’, која се наоѓа на надморска височина од 445 м., од каде што е можна прегледност и контрола над целата струмичка котлина.

Патеката во првиот дел започнува од ’’Ловен Дом’’ и минува покрај чешмата ’’Лековита вода’’. Овој дел од патеката е релативно рамен пат и со тампонирана трим патека, која од двете страни има место за тренирање и клупи за седење.

Патеката е обележана, погодна за пешачење, а, исто така и за возење на велосипед. Во овој дел има можност за панорамско разгледување на градот Струмица. Вториот дел од патеката е различен од првиот дел, и овде искачувањето се одвива по многу тесна шумска патека. Од двете страни на пешачката патека има нискостеблеста флора, а повисоките делови се обраснати со листопадни дрвја.

Патеката води до тврдината ’’Цареви Кули’’ и до средновековната црква ’’Свети Ѓорѓи’’ од XII и XIII век. Во овој дел патеката е стрмна и покриена со камени скали. Сепак, пешачката патека е во солидна состојба и доволно проодна, пред сѐ за љубителите на природата, посебно во летниот период, а идеална е за оние кои покажуваат интерес за професионални екстремни искачувања.

Оваа патека има можност за кружно движење, бидејќи освен враќање по истата назад, постои и друга тесна патека по која, со спуштање, се враќаме пак на истото место од каде што сме тргнале, од пред месноста ’’Ловен Дом’’.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека е богата со разновидна флора и фауна, а најмногу се среќаваат листопадни дрвја и тоа: Betula alba - бреза, Tilia sp. липа, Acer - јавори и зимзелени дрвја: Cuperessus sp. - чемпреси, Picea abies (Picea excels) - смрча, Picea Pungenus - бодликава смрча, Thuja - туја.

Патеката наоколу, изобилува со разновидни нискостеблести растенија како што се: рибизли, малини, боровинки, шипка и др., разновидни чаеви и др., и повеќе видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera, и др.

Богатството и хетерогеноста на видовите на екоситемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.

Фауната ја сочинувааат: диви свињи, волци, лисици, зајци и др., а од птиците најчесто се забележуваат славеј, еребица, фазан, сокол, орел и др.

  • Доплонителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, археолошки туризам, пешачење и џогирање, хербален туризам, планински велосипедизам, алпинизам).

ПОДЛОГА: Земјен пат / Асфалт