Ловен Дом 5


Пешачка патека ЛОВЕН ДОМ - СВ. ИЛИЈА - СПОМЕНИК НА НОБ - СКРИВНИЦИ - ЦРКВА СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Пешачката патека започнува од месноста ’’Ловен Дом’’ и има повеќе намени и тоа: рекреативни, еколошки, истражувачки и едукативни. Таа може да се користи за пешачење, планинарење, трчање, планински велосипедизам и други активности. Оттука, пешачката патека нагоре води до манастирот ’’Свети Илија’’, кој претставува пријатно место за одмор, релаксација и вдишување душевен мир.

Понатаму, продолжува кон Споменикот на НОБ, од каде што постои можност за панорамско фотографирање на градот Струмица и целото Струмичко поле. Искачувајќи се, патеката поминува низ местото наречено ’’Скривници’’ и продолжува кон Спомен Костурница.

Поради ваквите карактеристики, оваа пешачка патека е идеална за љубителите на екстремно качување по стрмни патеки. Потребно е расчистување на патот од наталожените гранки и санирање на дупките на некои места, за да може истиот да биде лесно прооден. Ова е идеално место за прошетка, пикник, одмор и рекреација и за ’’воздушна бања’’, бидејќи местото е богато со зеленило и чист планински воздух.  

Пешачката патека понатаму води до црквата ’’Свети Кирил и Методиј’’ на големите сесловенски просветители, браќата Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и литература, а која се наоѓа во стариот дел на градот Струмица.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека е богата со разновидна флора и фауна. Во пониските делови најмногу има нискостеблеста шума, богата со разновидни растенија и тоа: малини, капини, рибизли, боровинки, шипка и др., повеќе видови на чаеви, габи и тоа: лисичарка - Cantharellus, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera, и др.

Од листопадните дрвја најмногу се среќаваат: Betula alba - липа, Tilia sp. - бреза, Acer sp. - јавор. На повисоките делови од патеката доминираат зимзелените дрвја и тоа: Pinus sp. - бор, Abies Alba - ела, Cupressus - чемпрес.

Фауната е богата со зајаци, волци, лисици, диви свињи, а од птиците можат да се забележат славеј, фазан, еребица, сокол, орел и др., а присутни се и разни видови инсекти.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, пешачење и џогирање, планински велосипедизам, хербален туризам).

ПОДЛОГА: Земјен пат