Беласица 3


Пешачка патека с. Банско - месност “Малкаиси” - с. Банско

Оваа патека започнува од с. Банско и спаѓа во категоријата на тешки патеки за искачување, наменети за посетителите со добра физичка подготвеност и за професионалните планинари. Патеката започнува од западниот дел на селото и минувајќи покрај селскиот водовод води кон месноста наречена „Малкаиси’’. Овде, таа минува низ тесен, но прооден шумски пат низ нискостеблеста, зимзелена и листопадна шума. Од месноста „Малкаиси“ има повеќе патеки кои водат на различни страни низ планината Беласица. Одовде, тргнувајќи надесно, патеката води кон месноста наречена „Џами Кран’’ и минува низ прекрасна шумска природа, со многу дрвја и свеж планински воздух. Патеката оди низ тесен шумски пат и заради богатството од флора претставува вистинска „воздушна бања“. Месноста „Џами Кран“ е прекрасно место за сите посетители кои можат да дојдат до неа и да ја видат и почувствуваат вистинската убавина на чистата природа на планината Беласица. Овде патеката минува низ населба со викендици, изградени во близина на чешма со чиста студена планинска вода. Овдешната полјана, која е обиколена со убава борова шума, е „викенд населба’’, но има доста простор кој е погоден за излети и рекреација. Самата патека е кружна и со слегување повторно води до с. Банско, односно почетната точка.

Според местото каде што се наоѓа, оваа патека спаѓа во категоријата на планински патеки, според тежината спаѓа во категоријата на тешки патеки (патеки наменети за планинари и професионалци), а според подлогата, спаѓа во категоријата на земјени патеки. Долга е над 5.000 метри

  • Флора и фауна:

Пешачката патека е богата со разновидна флора, фунгија и фауна. Тревната флора располага со многубројни видови на цветови, чаеви и плодови, како и со нискостеблести растенија: боровинки (Vaccinium myrtillus), малини (Rubus idaeus), коприва (Urticaceae), ајдучка трева (Achillea), кантарион (Hypercium) и др., и повеќе видови на печурки од кои најпознати се печурките кои се користат во исхраната: шампињонка (Agaricus bisporus), лисичарка (Cantharellus cibarius), вргањ (Suillus luteus) и други видови.

Во пониските делови на патеката претежно се среќава разновидна листопадна шума, а од дрвјата најзастапени се: бреза (Betula alba), јавор (Acer), липа (Tilia), а во повисоките делови има зимзелена шума богата со: чемпрес (Cupressus), смрека (Juniperus), бор (Pinus) и др. Богатството и хетерогеноста на видовите на екосистемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.

Низ самата патека може да се сретнат ендемски видови на растенија и тоа: кралски папрат (Osmunda regalis) и кедар (Cedrus).

Фауната е разновидна и се состои од: срна (Cervus capreolus), волк (Lupus), дива мачка (Felis silvestris), верверичка (Sciurus vulgaris), див зајак (Cuniculus) и др., а од птиците најкарактеристични се: планински сокол (Falco biarmicus), полска еребица (Predix), фазан (Phasianus colchicus), сојка (Garrulus glandarius), гулаб гривнаш (Columba palumbus), гавран (Corvus corax), чавка (Corvus monedula) и др., а присутни се и разни видови инсекти.

  • Дополнители можности за користење на патеката: еко – туризам, археолошки туризам, хербален туризам.
  • Правила кои треба да се почитуваат при движењето низ патеката:
    • Никогаш не пешачете сами низ планина. Четири лица е идеалната бројка за пешачење.
    • Внимателно изберете ја вашата патека и држете се до неа. Одделете си доволно време и тргнете порано. Секогаш информирајте некого кон која патека се упатувате и времето на вашето поаѓање и враќање од истата.
    • Доколку се изгубите, не се разделувајте од групата. Обидете се да се вратите назад кон патеката повторувајќи ги вашите чекори.
    • Секогаш носете водоотпорна облека, дури и во лето, и носете комфортни обувки за пешачење. Носете капа, шешир или очила за заштита од сонцето. Времето на планина се менува брзо.
    • Никогаш не пешачете по кратеници и особено на талкајте по потоци.
    • Ако сте се изгубиле или сте принудени да престанете со пешачењето поради лошо време, не се разделувајте од групата туку останете заедно и на едно место. Пронајдете го најблиското засолниште.
    • Во случај на повреда, одделете доволно време за да ја процените моменталната ситуација. Пратете две лица да побараат помош, а третото лице да остане со повредениот.
    • Секогаш имајте со вас доволно вода и храна, особено во летните периоди, во случај на задоцнување. Секогаш информирајте се за времето и вратете се назад доколку сте тргнале покасно или се најавени лоши временски услови.
    • Земете со вас целосно наполнет мобилен телефон за секаква намена и потреба.
    • Важно! При пешачење низ планинска патека, секогаш мора да ве води професионален лиценциран водич за планински патеки.
5

класа


ТЕЖИНА НА СОВЛАДУВАЊЕ
5

километри


ДОЛЖИНА НА ПАТЕКАТА