Беласица 2
Пешачка патека с. Банско – месност ’’Аџи Бунар’’ – с. Банско
Оваа патека започнува од селото Банско и е карактеристично тешка за искачување. Таа води високо на планината Беласица и по кружен пат слегнува кон с. Банско. Наменета е за оние кои сакаат планинарење и алпинизам, односно за сите посетители кои се физички подготвени за таков вид на патеки. Патеката од селото Банско оди по широк шумски пат и со искачување води до месноста нарекувана „Широки полјани“. Местото е погодно и прекрасно за излети во пролетниот и летниот период од годината бидејќи во овој дел патеката е широка и лесно проодна. Одовде, патеката со интензивно одење по угорница води до месноста ’’Момин гроб’’, а потоа до месноста ’’Аџи Бунар’’. Целата оваа локација е богата со разновидна вегетација и многу листопадни и зимзелени шуми, заради што е наречена „воздушна бања“ и е корисна за посетителите кои имаат проблеми со дишните патишта. Од месноста „Аџи Бунар“ патеката се дели на повеќе правци, а свртувајќи надесно продолжува кон месноста ’’Мераба Кран’’. Меѓу месностите ’’Аџи Бунар’’ и ’’Мераба Кран’’ можат да се видат остатоци од некогашен објект кој, според локалното население, некогаш бил српска жандармерија, како и стариот римски мост, за кој постои легенда дека е дел од стариот пат ’’Виа Игнација’’. Оваа патека е делумно проодна, а преку целата нејзина должина може да се види разновидна флора и фауна во текот на летниот период. Минувајќи низ патеката, можат да се посетат значајни културно – историски споменици. Самата патека е кружна и со слегување повторно води до с. Банско, односно почетната точка.
Според местото каде што се наоѓа, оваа патека спаѓа во категоријата на планински патеки, според тежината спаѓа во категоријата на тешки патеки (наменети за планинари и професионалци), а според подлогата, спаѓа во категоријата на земјени патеки. Долга е над 5.000 метри.
- Флора и фауна:
Пешачката патека е богата со разновидна флора, фунгија и фауна. Тревната флора располага со многубројни видови на цветови, чаеви и плодови, како и со нискостеблести растенија: капини (Rubus fructicosus), малини (Rubus idaeus), коприва (Urticaceae), здравец (Geranium macrorrhizum), глуварче (Taraxacum officinale) и др., и повеќе видови на печурки од кои најпознати се печурките кои се користат во исхраната: шампињонка (Agaricus bisporus), срндак (Macrolepiota procera), вргањ (Suillus luteus) и други видови.
Во пониските делови на патеката претежно се среќава разновидна листопадна шума, а од дрвјата најзастапени се: јавор (Acer), бреза (Betula alba), липа (Tilia), а во повисоките делови има зимзелена шума богата со: чемпрес (Cupressus), смрека (Juniperus), бор (Pinus) и др. Богатството и хетерогеноста на видовите на екосистемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.
Низ самата патека може да се сретнат ендемски видови на растенија и тоа: кралски папрат (Osmunda regalis) и кедар (Cedrus).
Фауната е разновидна и се состои од: дива мачка (Felis silvestris), волк (Lupus), див зајак (Cuniculus), верверичка (Sciurus vulgaris) и др., а од птиците најкарактеристични се: полска еребица (Predix), фазан (Phasianus colchicus), гулаб гривнаш (Columba palumbus), гавран (Corvus corax), чавка (Corvus monedula) и др., а присутни се и разни видови инсекти.
- Дополнители можности за користење на патеката: еко – туризам, археолошки туризам, хербален туризам.
- Правила кои треба да се почитуваат при движењето низ патеката:
- Никогаш не пешачете сами низ планина. Четири лица е идеалната бројка за пешачење.
- Внимателно изберете ја вашата патека и држете се до неа. Одделете си доволно време и тргнете порано. Секогаш информирајте некого кон која патека се упатувате и времето на вашето поаѓање и враќање од истата.
- Доколку се изгубите, не се разделувајте од групата. Обидете се да се вратите назад кон патеката повторувајќи ги вашите чекори.
- Секогаш носете водоотпорна облека, дури и во лето, и носете комфортни обувки за пешачење. Носете капа, шешир или очила за заштита од сонцето. Времето на планина се менува брзо.
- Никогаш не пешачете по кратеници и особено на талкајте по потоци.
- Ако сте се изгубиле или сте принудени да престанете со пешачењето поради лошо време, не се разделувајте од групата туку останете заедно и на едно место. Пронајдете го најблиското засолниште.
- Во случај на повреда, одделете доволно време за да ја процените моменталната ситуација. Пратете две лица да побараат помош, а третото лице да остане со повредениот.
- Секогаш имајте со вас доволно вода и храна, особено во летните периоди, во случај на задоцнување. Секогаш информирајте се за времето и вратете се назад доколку сте тргнале покасно или се најавени лоши временски услови.
- Земете со вас целосно наполнет мобилен телефон за секаква намена и потреба.
- Важно! При пешачење низ планинска патека, секогаш мора да ве води професионален лиценциран водич за планински патеки.