Беласица 1
Пешачка патека с. Банско – месност “Џами Кран” – с. Банско
Оваа патека е многу интересна за искачување. Oдејќи по неа можат да се видат единствени и раскошни природни пејзажи создадени од природата, како и исклучително значајни објекти од богатата историја и култура со која што изобилува Струмичкиот регион.
Патеката започнува од западната страна на селото Банско, и поминувајќи низ каптажата на селскиот водовод, со искачување нагоре, таа води до месноста наречена ’’Џами Кран’’. Оваа патека, исто така, се нарекува и „Дојрански пат“, затоа што минувајќи преку целата планина Беласица води директно до самото Дојранско езеро и во минатото била користена многу поинтезивно од населението од двете страни на планината. Патеката е тесна и води по угорница минувајќи покрај живописни предели, стара напуштена воденица и мала полјана, богати со разновидна флора и фауна преку целата година. Одовде, патеката станува пострмна и минува низ атрактивен карпест предел при што од двете страни има многу провалии, а може да се види и една пештера (процеп), која е доста импресивна за фотографско снимање. Патеката поминува и покрај мала рекичка, а кај локалното население се раскажуваат легенди за стари гробници на овие места, кои датираат од римска епоха, а тоа ја прави оваа патека интересна и за истражувачки и археолошки туризам. Целата патека е покриена со богата и разновидна листопадна и зимзелена шума, различна флора и фауна, и има доста места погодни за фотографирање.
Патеката е наменета за сите посетители, особено за професионалните планинари и за оние со добра кондиција и физичка подготвеност. Самата патека е кружна и со слегувањето повторно води до с. Банско, односно почетната точка.
Според местото каде што се наоѓа, оваа патека спаѓа во категоријата на планински патеки, според тежината спаѓа во категоријата на тешки патеки (наменети само за планинари и професионалци), а според подлогата, спаѓа во категоријата на земјени патеки. Долга е над 5.000 метри.
- Флора и фауна:
Пешачката патека е богата со разновидна флора, фунгија и фауна. Тревната флора располага со многубројни видови на цветови, чаеви и плодови, како и со нискостеблести растенија: рибизли (Ribez ribrum), боровинки (Vaccinium murtillus), нане (Mentha piperita), шипки (Rosa canina), капини (Rubus fructicosus) и др., и повеќе видови на печурки од кои најпознати се печурките кои се користат во исхраната: лисичарка (Cantharellus cibarius), срндак (Macrolepiota procera), вргањ (Suillus luteus) и други видови.
Во пониските делови на патеката претежно се среќава разновидна листопадна шума, а од дрвјата најзастапени се: бреза (Betula alba), липа (Tilia), јавор (Acer), а во повисоките делови има зимзелена шума богата со: туја (Thuja), смрека (Juniperus), бор (Pinus) и др. Богатството и хетерогеноста на видовите на екосистемите се резултат на поволната клима и специфичната географска положба.
Низ самата патека може да се сретнат ендемски видови на растенија и тоа: кралски папрат (Osmunda regalis) и кедар (Cedrus).
Фауната е разновидна и се состои од: срна (Cervus capreolus), див зајак (Cuniculus), дива мачка (Felis silvestris), дива свиња (Sus scrofa), верверичка (Sciurus vulgaris) и др., а од птиците најкарактеристични се: планински сокол (Falco biarmicus), еребица каменарка (Alectoris graeca), јастреб (Accipiter gentilis), фазан (Phasianus colchicus) и др., а присутни се и разни видови инсекти.
- Дополнители можности за користење на патеката: еко – туризам, археолошки туризам, хербален туризам.
- Правила кои треба да се почитуваат при движењето низ патеката:
- Никогаш не пешачете сами низ планина. Четири лица е идеалната бројка за пешачење.
- Внимателно изберете ја вашата патека и држете се до неа. Одделете си доволно време и тргнете порано. Секогаш информирајте некого кон која патека се упатувате и времето на вашето поаѓање и враќање од истата.
- Доколку се изгубите, не се разделувајте од групата. Обидете се да се вратите назад кон патеката повторувајќи ги вашите чекори.
- Секогаш носете водоотпорна облека, дури и во лето, и носете комфортни обувки за пешачење. Носете капа, шешир или очила за заштита од сонцето. Времето на планина се менува брзо.
- Никогаш не пешачете по кратеници и особено на талкајте по потоци.
- Ако сте се изгубиле или сте принудени да престанете со пешачењето поради лошо време, не се разделувајте од групата туку останете заедно и на едно место. Пронајдете го најблиското засолниште.
- Во случај на повреда, одделете доволно време за да ја процените моменталната ситуација. Пратете две лица да побараат помош, а третото лице да остане со повредениот.
- Секогаш имајте со вас доволно вода и храна, особено во летните периоди, во случај на задоцнување. Секогаш информирајте се за времето и вратете се назад доколку сте тргнале покасно или се најавени лоши временски услови.
- Земете со вас целосно наполнет мобилен телефон за секаква намена и потреба.
- Важно! При пешачење низ планинска патека, секогаш мора да ве води професионален лиценциран водич за планински патеки.