Св. Леонтиј


Манастирскиот комплекс „Св. Леонтиј“ се наоѓа на околу 4 км западно од Струмица во селото Водоча. Најстар објект овде е ранохристијанската базилика, која потекнува од V и VI век. Комплексот на водочки цркви ги сочинуваат три цркви. Најстара е источната трикорабна куполна црква изградена VII-IX век, која била разурната по пропаста на Самуиловата држава. Од неа се останати делови од олтарната апсида, проскомидијата и ѓакониконот, а најстара фреска овде е претставата на неидентификуван светец од крајот на X век. Западната мала крстовидна куполна црква е изградена во периодот 1018 - 1037 година и е посветена на Богородица Елеуса - Воведение. Фрескоживописот од оваа црква го сочинуваат фреските на ѓаконите Исавриос и Евплос, фигури на светители, Циклусот на Главните црковни празници и сцени од „Детството и животот на Пресвета Богородица“. Средната куполна црква е најголема и претставува епископска црква, што се заклучува според синтроносот во олтарната апсида. Таа е подигната кон крајот на XI и почетокот на XII век и е посветена на Св. Леонтиј, маченик убиен во времето на римскиот цар, Веспазијан (69 - 79) поради прифаќање на христијанството.

Од фрескоживописот на оваа црква се зачувани фрески со претстави на шест Архиереи и фреската на св. 40 севастиски маченици. Во самиот комплекс се истражени две манастирски бањи, конак со стопански придружни објекти и богата средновековна некропола со над 1000 гробови од XIII се до XX век Црквата во XIII век била срушена по што била напуштена и во нејзина близина тогаш никнала богата средновековна некропола. Врз остатоците на темелите од поранешните цркви е извршена реставрацијата во 1979 год. и денес е јасно забележливо по оловната преграда до каде биле остатоците. Во 1996 г. овде е обновено монаштвото, а денес овде живее монашкото сестринство на струмичката епархија.