Храна и пијалоци
Дојди во Струмица ако ја почитуваш автентичноста на традиционалниот добар залак и добра капка
Долговековното постоење на Струмица и нејзината местоположба, како место во кое се вкрстувале патиштата на повеќе цивилизации и освојувачи, придонело за создавање на автентична гастрономска слика која е одлика на културата на живеење на струмичани.
Велат дека во Струмица отсекогаш добро се јадело и се пиело, благодарение на традиционалната храна со намирници од сопственото поднебје, како и со давање свој белег на специјалитетите од некои други кујни од соседството. Па, така, денес на струмичката секојдневна трпеза може да се најде:
- салати: домати, пиперки, кромид и краставица;
- додатоци: струмички ајвар, малиџано, пинџур, лутеница;
- предјадења: летна манџа, пржени чушки со урда;
- главни јадења: аман балајди, полнети чушки, турли тава, чалбур, полнети тиквички, сарма, бел фасуљ и др.;
- десерти: алва, зерде, баклава, татлија, раванлија и др.;
- тестенини: боден дедо, зелник, просеник, пинерлии и др.;
- пијалоци: струмка, ракија, мастика, вино, боза и др.;
Шаренилото од бои на трпезата, примамливиот мирис и неодоливиот вкус на јадењата од струмичката кујна се приказна сама за себе. Сето тоа треба да се вкуси, види и доживее. Особено е силен впечатокот ако одблизу доаѓаат звуци од убава македонска песна од струмичкиот крај.