Лов и риболов


Дојди во Струмица ако ловот и риболовот се твоја пасија

Општина Струмица со своите планински предели, водени ресурси и други природни убавини претставува вистински туристички предизвик за луѓето од земјата и странство кои се занимаваат со спортски или рекреативен лов и риболов. Планините Беласица, Плавуш и Еленица кои ја опкружуваат Струмица се богати со разновиден дивеч. Во општина Струмица постојат 4 ловишта со вкупна површина од 35000 хектари, од кои три се наменети за лов на крупен, а едно на ситен дивеч. Од крупниот дивеч застапени се дивата свиња, срната, волкот, лисицата, куната, дивата мачка, зајакот и други, а еребицата, фазанот, гривнашот и други птици го сочинуваат расположливиот ситен дивеч. Од птиците грабливки, во овој регион се присутни соколот, јастребот, утката, гавранот и други. Покрај споменатите, постои и оградено ловиште со површина од 150 хектари кое има функција на репроцентар за размножување на дива свиња, срна и зајак, а располага и со ловечка куќа за престој и одмор на туристите – ловци.

Вештачкото езеро Водоча со површина од 100 хектари е подеднакво примамливо и за ловците и за риболовците, бидејќи е место на егзистирање на поголем број барски птици и разновидни риби од кои најзастапени се крапот, црвеноперката и белвицата.