Римска терма - с. Банско


Римјаните преку нивните градежни активности оставиле видливи траги на територијата на општина Струмица. Еден од најрепрезентативните докази за тоа е објектот Доцноримско термално лекувалиште во Банско (Balneum) кое е подигнато во III и IV век. Тој се наоѓа на околу 12 км оддалеченост источно од Струмица, во подножјето на планината Беласица. Термата e откриенa во 1978 година при копањето на темелите на хотелот „Цар Самуил“. Објектот ги користел лековитите води на изворот „Парило“, кој се наоѓа на 50 метри југозападно од него, чиј капацитет е 42 литри во секунда, а температурата е 72°C, уште оддамна забележана од Римјаните, голем благодет кој е користен и во подоцнежните периоди. Во бањата досега се откриени 11 простории со различна функција и пред сѐ градени од тули комбинирани со камен и малтер при што е постигната врвна и хармонична полихромија, со вкупна корисна површина од 623 м². Греењето во внатрешноста било проектирано и изведено со специјален систем во кој се користела врелата вода за загревање на подовите и на ѕидовите. Бањата е проектирана, како и повеќето римски објекти, во духот на потребите на римската здравствена култура. Римската терма имала и соблекувална (аподитериум), каде се одлагала и закачувала облеката. Во просторот наречен (диптериум) како болните, така и уживателите се мачкале со масла. Просторијата наречена тепидариум била меѓу топлата бања (калдариум) и ладната бања (фригидариум). Ѕидовите се зачувани во височина од 2 метра до 6,70 метри. Зачуваноста е најголема во просториите што служеле како сауна и базенот со ладна вода – фригидариум. Главно место во термата заземал базенот и кадите чија длабочина изнесувала околу 1,5 м, а во самиот базен се влегувало низ скали. Дневната светлина што влегувала низ прозорците, внатрешноста ја правела приватна и урбана, а розовото масло и амбрата, на пареата ѝ давала опојност.

Освен терапевтските третмани, бањата била место и за младите атлети, но и за безработните грѓани. Актуелните археолошки истражувања говорат дека лечилиштето постоело и порано за што сведочат новооткриените постари објекти. Изградени за потребите на луѓето во антиката, бањите биле и центар на социјалниот живот. Околу нив се подигале градинки, гимназиони, библиотеки, а секако тука биле и храмовите посветени на боговите кои го штителе здравјето на луѓето. Струмичките археолози на локалитетот ’’Римска терма’’ – Бања Банско, постојано откриваат нови наоди, меѓу кои е и мермерната статуа на богот Меркур, за кого се врувало дека има исцелителна моќ. Остатокот од статуата, на која ѝ недостасуваат главата и потколениците, е висока половина метар, а нејзината првобитна големина без оштетувањата изнесувала околу 1 м и 20 см. Покрај мермерната статуа, интересно е откривањето на три постаменти за скулптури и керамика, како и на уште еден објект во непосредна близина на овој бањски комплекс од доцниот римски период, кој е еден од ретките сочувани споменици од ваков вид во Европа, а на чиешто истржување, реставрација и конзервација се работело повеќе од две децении. Иако е рано за дефинитивни заклучоци, сепак, новооткриената градба е некаков вид помошен објект на постојната терма, или пак сосема друга бања.

Термалните извори останале привлечни за луѓето од овој крај сѐ до доцното средновековие за што говори топонимот ,,турска бања’’. Вториот познат топоним е ,,Панаѓур’,’ што наведува на едно мислење дека околу овие извори и христијанските верници, освен што се молеле, тие тука се забавувале и тргувале. Со мали технички интервенции, оваа римска терма може во потполност да се реконструира, а со тоа да ѝ се врати истата функција која ја имала пред повеќе од еден и пол милениум.