Движно културно наследство
Богатото движно културно наследство, кое со години е прибирано од ова поднебје и пошироко, се наоѓа во неколку институции кои водат грижа за неговата обработка, чување и презентација. Тоа се, пред сѐ, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј, Струмица, Галеријата на икони во комплексот “Св. 15 Тивериополски Свештеномаченици”, Архивот и Уметничката галерија од НУ Центар за култура „Антон Панов“, Струмица.
Движното културно наследство се состои од вредни артефакти кои потекнуваат од археолошката, историската и етнолошката граѓа, прибирани во текот на изминатите 60-тина години.
Тоа се, пред сѐ, артефакти со непроценлива вредност кои го илустрираат богатото културно наследство на регионот. Овде посебно би ги издвоиле оние наоди кои укажуваат на континуитетот на духовноста почнувајќи од праисториските периоди, односно, неолитот, енеолитот, преку бронзеното време, античкиот и македонско - хеленистичкиот период, потоа периодот на римското владеење, периодот на појавата на христијанството, средниот век, отоманскиот и преродбенскиот период сѐ до модерните времиња на 20 век. Исто така, не треба да бидат занемарени сите оние предмети поврзани со секојдневниот живот, ловот, војувањето итн. Овде треба да се споменат и предметите кои ја сочинуваат етнолошката и етнографската граѓа, а припаѓаат на начинот на живот во градскиот и рурален регион. Дел од нив се поврзани со различни етнички заедници кои живееле и сѐ уште живеат на ова поднебје. Треба уште да се споменат и одредени предмети поврзани со обичаи, стари занаетчиски работилници, поранешен начин на обработка на земјиштето, покуќнина итн.
Во архивот се чуваат значајни документи поврзани со историјата на Струмица и Струмичко почнувајќи од 19-от век па сѐ до денес. Во Галеријата на икони се чуваат значајни икони од струмичкото поднебје од кои секако најважна е онаа на Богородица Милостива од 15 век. Во Уметничката галерија се чуваат вредни уметнички дела творени во текот на изминатите 51 Меѓународна ликовна колонија и разноразни изложби на познати домашни и странски автори.