Банско 3


Пешачка патека с. БАНСКО - МАЛА ЧЕШМА - с. БАНСКО

Пешачка патека која што по шумски пат, започнува од селото Банско, и овде ве опсипува еколошки чиста природа, колорит во најразлични бои, а над нас широко небеско пространство.

Тивок ветер шумоли низ листовите и гранките, на брезите, дабовите, буките и сите сетила се будни, се осеќа спокојство и мир, кој го буди исконот во секој од нас.

Минувајќи низ патеката пред нас можеме да го видиме напластеното културно – историско богатство и еден од најрепрезентативните докази, археолошкиот локалитет Доцноримско термално лекувалиште во Банско, кое е подигнато во III и IV век, кое се наоѓа на околу 12 км. оддалеченост источно од Струмица, во подножјето на планината Беласица. Објектот ги користи лековитите води на изворот ,,Парило’’, кој се наоѓа на 50 м. југозападно од него, чиј капацитет е 42 литри во секунда, а температурата е 72°C, уште оддамна забележана од Римјаните, голем благодет кој е користен и во подоцнежните периоди.

Бањата се користи за изведување на терапевтски активности, а нејзиното лековито дејство помага при лекување на следните заболувања и тоа: сите видови ревматични заболувања, ишијалгии и плиартрити, асматични заболувања, болести на органите за варење (чир, гастрит, цревни заболувања), состојба после фрактура на коските, состојба после прележана жолтица, нервни заболувања и др.

Исто така, во околината на Бањата се наоѓаат шуми од липи и костени и бистри планиснски потоци. Папратот од македонското поднебје кој расте во оклината на Бања Банско е заштитен од Обединетите нации.

Оваа патека нагоре продолжува до ’’Мала чешма’’, многу стара, но со ладна и чиста вода која претставува пријатно место за одмор на посетителите, а нејзината околина е градина со разновидни видови на чаеви, разновидни цветови, плодови и бујна вегетација.

Оттука повторно по истиот пат се враќаме назад во селото Банско, кое благодрение на топлите минерални извори, кои што се користат и за производство на ран зеленчук, денес тоа израснува и како најпознат рекреативен центар.

  • Флора и фауна:

Пешачката патека изобилува со разновидна флора, фунгија и фауна. Тревната флора располага со многубројни видови на цветови, чаеви и плодови, како и со нискостеблести растенија како што се: рибизли, капини, малини, боровинки, шипка и др., и повеќе видови на габи и тоа: лисичарка - Cantharellus cibarins, шампињонка - Agaricus bisporus, срндак - Macrolepiota procera и други видови.

Во пониските делови на патеката претежно се среќаваaт Castanea sativia – костени, разновидни листопадни дрвја, како што се: Betula alba - бреза, Tilia sp. – липа, Acer sp. - јавор, а во повисоките делови има зимзелена шума богата со Pinus sp. - бор, Juniperus sp. - смрека, Thuja sp. - туја и др. Богатството и хетерогеноста на видовите на екоситемите се резултат на поволната клима, изворите со термални води и специфичната географска положба.

Од фаунистички аспект, најмногу има: срна, зајаци, диви свињи, волк, лисица и др., а од птиците најкарактеристични се: сокол, славеј, фазан, еребица, тетреб, орел и др., а присутни се и разни видови инсекти.

  • Дополнителни можности за користење на патеката: (еко – туризам, термален туризам, археолошки туризам, рурален туризам, пешачење и џогирање, планински велосипедизам, хербален туризам).

ПОДЛОГА: Земјен пат